Последна кустоска прошетка низ „Истокот е сè уште можен“

Во сабота во МСУ, Бојана Јанева за последен пат ќе ја води публиката низ изложбата „Истокот е сè уште можен“.

Во сабота, на 28 март, МСУ – Скопје организира ново издание на „МСУ Водич“, овојпат со кустосот Бојана Јанева, која за последен пат ќе ја води публиката низ интернационалната изложба „Истокот е сè уште можен“. Настанот почнува во 12 часот, а влезницата чини 150 денари.

Изложбата „Истокот е сè уште можен“ е продолжение на соработката меѓу МСУ – Скопје и МГ+МСУМ од Љубљана, која започна со заедничката изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“, отворена во февруари 2025 година во Музејот на современа уметност „Метелкова“. Куратори на изложбата се Бојана Пишкур и Мартина Вовк од Љубљана, како и Ивана Васева, Благоја Варшанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ – Скопје.

Поставката отвора поглед кон уметнички практики што не доаѓаат од центарот на западниот уметнички систем, туку од неговите географски, политички и симболични маргини. Наместо тие простори да се читаат како периферија, изложбата ги поставува како можен извор на поинаква естетска и историска перспектива, обликувана од искуствата на социјализмот, транзицијата, конфликтите, колективните утопии и распадот на идеолошките системи во 1990-тите.

Во изложбата се вклучени дела од голем број значајни домашни, регионални и меѓународни уметници, меѓу кои Марина Абрамовиќ, Јозеф Бојс, Лајбах, Казимир Малевич, Христина Иваноска, Игор Тошевски, Небојша Шериќ-Шоба и други. Темите што се провлекуваат низ поставката се телото, иронијата, идеологијата, доказите и утопијата, како одраз на историските искуства, но и како одговор на комплексноста на сегашноста.

Од МСУ информираат и дека изложбата вклучува содржина наменета за публика над 18 години. За време на посетата, публиката ќе може да ја погледне и тековната изложба „Земјата која се промислува постојано…“, на која седум филозофи од различни делови на светот влегуваат во дијалог со седум уметници околу прашањата за земјата. Куратор на оваа изложба е Рик Долфијн.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни