На 27 ноември во 20 часот, Музејот на современата уметност – Скопје ќе ја отвори изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција која дише)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова. Изложбата ја развива идејата за „борбено дишење“ – поим што го опишува воздухот како политичко поле, како простор на отпор, но и како место каде најпрво се чувствуваат неправдите.
Во основата на изложбата стои прашањето: ако сите дишеме ист воздух, зошто не го дишеме подеднакво? Во текстовите што го отвораат проектот се истакнува дека останувањето без здив најчесто го следи животот на маргинализираните – оние чии тела, права или територии се под постојан притисок. Изложбата го зема овој мотив како полазна точка за да покаже како воздухот може да биде медиум на угнетување, но и медиум преку кој се артикулира отпорот.
Уметничките дела ја следат истата линија. Форензичка Архитектура ги документира „токсичните облаци“ од воени и индустриски операции што ја претвораат атмосферата во оружје. Во делото на Џумана Мана воздухот станува продолжение на територијата – колонизиран, надгледуван и контролираниот. Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман се фокусираат на историјата на колонијалната екстракција и на воздухот како траума што патува низ телата и просторот. Проектот Gaza Remains the Story на Палестинскиот музеј сведочи за задушувањето на една територија – физички, политички и симболички.
Локалната димензија е претставена во делото на Зорица Зафировска, кое се занимава со загадувањето во Скопје и со секојдневниот чин на преживување во град што живее под токсична закана. Дурмиш Ќазим ги истражува институциите и архивите што оставиле задушен воздух за ромските уметници и за нивните приказни, откривајќи колку тешко се дише во простори каде некои тела се „невидливи“ по дефиниција.
Проектот ги поврзува овие различни контексти во една заедничка приказна: структурите на насилство што нè опкружуваат – колонијални хиерархии, капиталистичка екстракција и систематско исклучување – го обликуваат и воздухот што го дишеме. Основното прашање што го поставува изложбата е како преку уметноста можеме да ги препознаеме шепотењата на маргинализираните тела и да создадеме услови тие повторно да дишат.
