Од јавниот сервис информираат дека се врши проверка дали зад проблемите стои намерен упад во нивниот мрежен систем, со што се отвора сомнеж за можен сајбер напад.
„Се проверува дали се работи за намерен упад во мрежниот систем, поради постоечките сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија“, наведуваат од МРТВ во официјално соопштение.
Институцијата најави дека во истрагата ќе бидат вклучени сите надлежни државни органи, а на јавноста ѝ се извини за прекинот во емитувањето на програмата. Од таму додаваат дека ќе продолжат со навремено и објективно информирање, во интерес на граѓаните.
Вчерашниот ден помина без емитување на стандардните информативни изданија – Дневникот во 17:00, 19:30 и 22:30 часот. Наместо вести, на програмата се појави кулинарска емисија, а беше изоставено и најавеното изборно соочување за локалните избори 2025. На негово место беше прикажан филм од редовната програма – „Дами во боја на лаванда“.
Случајот предизвика низа реакции на социјалните мрежи и повторно го актуелизира прашањето за сајбер безбедноста на јавните институции и медиумите, особено во период на избори.
Извор: Meta.mk