Во соопштението, мрежата изразува сериозна загриженост дека однесувањето и јавно изразените ставови на Богојески се спротивни на основните вредности кои ги промовира програмата Еразмус+.
„Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на одлуката за именување на Петар Богојески како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како и постапки кои се спротивни на европските вредности.“
Во соопштението се потенцира дека програмата Еразмус+ се стреми кон промоција на еднакви можности, пристапност, инклузија, диверзитет и правичност, и дека именување на личност која отворено се спротивставува на тие принципи претставува навреда за програмата:
„Сметаме дека назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази овие принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите.“
Мрежата ја истакнува и загриженоста за реакцијата на надлежните институции:
„Истовремено сме и крајно загрижени од реакцијата на Министерката за образование која на укажувањата на повеќе чинители во општеството, вклучително и на Министерот за европски прашања изјавува дека неговата работа ќе се следи со поголем фокус.“
Во продолжение, се наведуваат примери од изјави и коментари на социјалните мрежи кои според мрежата содржат вознемирувачки говор и говор на омраза, упатени кон различни заедници и групи:
Македонци – Во коментари кон неговите следбеници кои искажале спротивно мислење од неговото, има изјавено „нема попросто од македонче!“, „па пола од Македонците немаат прочитано една книга во животот и мислат дека Букефал бил крал!“ и „Нема позабеган народ од нас“. Во други преписки, се обраќа до граѓаните со зборовите „овци“, „магаре“, „стока јаничарска“, „стоко една“, „дебил“, „стоко неписмена“ итн.
Албанци – При обраќање до албанското малцинство, неретко го користи зборот „шиптар“ и има изјавено „шиптар може само коза да ебе! За друго не го бива“.
Жени – При онлајн препукување со негови следбеници, има реферирано на нечии сопруги, мајки, вујни итн. При преписка со следбеничка за промена на грбот, има изјавено „на грбот ништо, на вас ви фали почитувана госпоѓо. Ама тоа е Божја работа, не сте вие виновни.“ Поради контекстот, конкретната преписка можете да ја најдете во прикачените фотографии.
Лица што живеат со ХИВ – Во преписки со следбеници за изглед на луѓе што се поддржувачи на друга идеологија, има изјавено „оф завалијата со ХИВ68“, „незнаат да читаат…загреота се! Ги потепа ХИВ68“, „сериозно е ова пореметување поради ХИВ68“ и „не може фајде со зараза од ХИВ 68“.
Политичка основа: Во други наврати, преку својот профил, именуваниот директор Петар Богојески упатува навреди кон неистомисленици („, „има ли поглупо нешто од левичар“, , „абе вие на зајко измеќарите со јованка и до Дубаи отидовте! Баве тоа шутрачаааната“).
Користење на навредлив и вознемирувачки говор: Во преписка со следбеник, којшто исто користи вознемирувачки говор, именуваниот директор Петар Богојески изјавува „ти провери ги тоа твоите околу тебе чиви копилиња се! Да не испадне комшијата замешан?“. На прашање на следбеник дали поставеното прашање е наградно, Богојески одговара со „да! Ќе добиеш патување во Газа.“
Според мрежата, Богојески е веќе бил предмет на кривични пријави за говор на омраза:
„Во август 2024 година, Коалицијата „Вреди“ поднесе кривична пријава против него за објави на Фејсбук кои се сметаат за поттикнување на национална, расна и верска омраза.“
Дополнително, неговите постапки резултирале со отказ од Министерството за одбрана, каде што претходно работел како државен советник.
Во соопштението се спомнува и ширење на дезинформации за време на случајот со убиството на Вања Ѓорчевска, каде што Богојески преку јавен настап тврдел дека властите кријат информации и дека осомничените се „пренесени на Косово“, и покрај официјалната потврда дека сите осомничени се Македонци.
Мрежата заклучува дека такви ставови немаат место во јавниот дискурс, а особено не во институција која има мандат да промовира европски вредности и инклузија:
„Ваквите ставови и начин на комуникација немаат простор во јавниот дискурс, особено не од страна на именуван функционер.“
„Ставовите и изјавите на Богојески се спротивни на вредностите кои ги промовираат европските програми како Еразмус+, што го прави несоодветен за водечка позиција во институција која има за цел промовирање на европски вредности, инклузивност и културен дијалог.“
Мрежата за заштита од дискриминација повикува надлежните институции да ја преиспитаат одлуката за именување, со цел да се зачува кредибилитетот на Еразмус+ програмата и да се спречи институционализација на дискриминаторски и навредливи ставови.


























