Мрежата „Безбедни новинари“ денеска во соопштение изрази длабока загриженост во врска со предложените измени во Кривичниот законик на Албанија и оцени дека новото регулирање на кривичните дела клевета, навреда и влијание врз независноста на судството директно ја загрозува слободата на медиумите, слободата на новинарите и фундаменталното право на слобода на изразување.
Соопштението го потпишаа и платформата „Брз одговор за слобода на медиумите“ (MFRR) и организациите на граѓанското општество во Албанија.
Откако Министерството за правда на Албанија го објави нацрт-законот, потписниците на соопштението изјавија дека „продолжуваат внимателно да го следат развојот на ситуацијата и да подготвуваат детална правна анализа“.
Главните причини за загриженост се кривичното дело клевета, каде што „казните се значително зголемени, особено кога информациите се шират преку медиумски канали или онлајн платформи, како и кога се насочени кон носители на јавни функции“, како и кривичното дело навреда, каде што, „кога станува збор за сериозни навреди, се воведуваат нејасни критериуми како што се „вознемирување на јавното мислење“ и „добри обичаи“ кои немаат јасни дефиниции“, се наведува во соопштението.
Делото влијание врз независноста на судството „е особено загрижувачко бидејќи широко забранува коментирање и известување за судските постапки, директно попречувајќи ја клучната надзорна улога на медиумите и граѓанското општество и поткопувајќи ја транспарентноста.
Потписниците тврдат дека предложените одредби се неконзистентни со утврдените европски стандарди, особено со Европската конвенција за човекови права.
По лавината реакции премиерот Еди Рама рече дека измените се подготвени со европски експерти и оти истите ќе бидат на јавна расправа, па потоа ќе оди на гласање во парламентот.