Мрежа за заштита од дискриминација: Функцијата Народен правобранител да остане надвор од партиските договори

Собранието конечно да покаже зрелост и во оваа постапка, да го отвори процесот за кандидати кои не се поврзани со партии, велат од Мрежата

Мрежата за заштита од дискриминација преку јавно соопштение реагира на начинот на кој се води процесот за избор на нов Народен правобранител.

„Наместо оваа можност да се искористи за воспоставување доверлив и инклузивен изборен процес, сведочиме на продолжување на затворени и политички мотивирани практики. Дополнително загрижува фактот што кандидатот е предложен од координатор на пратеничка група во која членува и политичката партија со која истиот е поврзан, што уште повеќе го продлабочува сомнежот дека критериумите на стручност и независност се второстепени во процесот.

И покрај нашата реакција од минатата недела, со која јавно укажавме на отсуството на транспарентност и консултација со стручната јавност и граѓанското општество, сведочиме дека повторно се фаворизираат кандидати со политичка поврзаност, додека оние со неспорна стручност, независност и искуство во заштита на човековите права остануваат целосно игнорирани.

Функцијата Народен правобранител е длабоко поврзана со довербата на граѓаните во институциите. Законот изречно пропишува дека таа е неспоива со членување во политичка партија, и тоа не само како формално ограничување туку како израз на неопходноста институцијата да биде независна, непристрасна и неподложна на партиски влијанија“ се вели во соопштението.

Оттаму, се осврнуваат и на персоналното решение кое треба да се најде пред пратениците.

„Во овој случај, според јавно достапни информации, кандидатот кој се форсира во постапката се води како член на Централното претседателство и на Централното собрание на политичка партија, како и актуелен општински советник. Името му сè уште стои во партиската структура, што укажува не само на формално, туку и суштинско политичко ангажирање. Без разлика дали ќе се повлече од овие позиции во текот на постапката, останува фактот дека јавноста со право го препознава како партиски кадар. Таа поврзаност остава трага врз кредибилитетот на изборниот процес и сериозно ја доведува во прашање независноста на институцијата.

Дури и кога не постои формална партиска функција во моментот на избор, јавната перцепција за политичка поврзаност не може лесно да се избрише – особено кога станува збор за лице кое до неодамна било дел од раководни структури. Присуството во партискиот кадар – вклучително и како наведен член на официјална страница – остава впечаток кој ја компромитира довербата во процесот и ја доведува во прашање автономијата на институцијата.

Го повикуваме Собранието конечно да покаже зрелост и одговорност во оваа постапка, и да го отвори процесот за кандидати кои не се поврзани со партии, туку со вредностите на правдата, непристрасноста и човековите права. Изборот на Народен правобранител не смее да се води од логика на политичко балансирање, туку од потребата да се зајакне една од ретките институции што постојат за да ги заштитат граѓаните од можни злоупотреби на моќта.

Она што ѝ е најпотребно на оваа институција е доверба од граѓаните, особено од оние кои секојдневно се борат со системска нееднаквост. Затоа, таа не смее да се третира како политички трофеј, туку како клучна линија на заштита на човековите права“ пишува во соопштението од Мрежата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни