Психолозите со терминот „мрачна тријада“ ги опишуваат три поврзани, но различни особини на личноста: нарцизам, макијавелизам и психопатија. Овој концепт бил формулиран во 2002 година и денес се користи за разбирање на одредени модели на однесување во меѓучовечките односи и во работната средина.
Нарцизам
Нарцизмот се однесува на претерано чувство на сопствена важност и силна потреба од восхит од другите. Луѓето со изразени нарцисоидни карактеристики често се фокусирани на сопствените успеси и се стремат постојано да ја одржуваат позитивната слика за себе во очите на околината.
Иако на прв поглед можат да делуваат самоуверено и харизматично, тие често покажуваат недостаток на емпатија и тешко ги прифаќаат критиките.
Макијавелизам
Маикијавелизмот е поврзан со манипулативно однесување и убедување дека „целта ги оправдува средствата“. Луѓето со оваа особина често користат стратегии, манипулации и контрола за да ги постигнат своите цели, без многу грижа за последиците врз другите.
Таквите личности можат да бидат многу пресметливи и умешни во влијанието врз луѓето, особено во ситуации каде што се натпреваруваат за моќ или статус.
Психопатија
Психопатијата се поврзува со импулсивност, агресивност и недостаток на грижа за чувствата на другите. Луѓето со овие карактеристики можат да покажуваат ладнокрвност, без емоционална реакција на штетата што ја предизвикуваат.
Иако не секој што има некоја од овие особини е опасен, комбинацијата од сите три може да доведе до однесување што е штетно во личните односи, но и во професионалната средина.
Зошто е важно да се препознаат?
Истражувањата покажуваат дека луѓето со изразени карактеристики на „мрачната тријада“ често се манипулативни, безчувствителни и подготвени да направат речиси сè за да ги постигнат своите цели.
Токму затоа експертите советуваат внимателност во односите со личности кои покажуваат вакви модели на однесување – особено ако зад нивниот шарм се крие недостаток на емпатија и постојана желба за контрола.