„Mr. Nobody Against Putin“ и цената на сведоштвото

Додека Данска го кандидира документарецот за Оскар, неговиот протагонист Павел Таланкин се соочува со нов бран притисоци и закани од Русија како цена за сведочењето на пропагандата во образованието.

Документарниот филм Mr. Nobody Against Putin (Г-дин Никој против Путин) не е само уште едно сведоштво за војната во Украина – тој е директен поглед во механизмите на пропагандата што тивко, но систематски влегуваат во училниците. Неговиот протагонист, наставникот Павел „Паша“ Таланкин од малото руско гратче Карабаш, денес повторно се подготвува за бран напади и закани, токму во моментот кога филмот влегува во трката за најдобар меѓународен долгометражен филм на Оскарите.

Во интервју за Variety, Таланкин отворено зборува за тоа како секој чекор кон меѓународна видливост носи и нови ризици. По првичната премиера, филмот бил цел на координирана медиумска дискредитација во Русија. Сега, со официјалната кандидатура на Данска, тој очекува „втор бран омраза“ кој ќе биде посилен, погласен и поопасен од првиот.

Филмот ја следи трансформацијата на едно обично училиште по руската инвазија врз Украина. Таланкин, кој тогаш сè уште работел како наставник, тајно почнал да снима како наставната програма се претвора во инструмент за идеолошка индоктринација. Инструкциите од Министерството за образование станале сè подиректни, а од наставниците се очекувало да ја репродуцираат официјалната државна реторика – без простор за прашања, сомнеж или критичка мисла.

„Знаев дека мора да остане запис“, вели Таланкин. Не заради моментална реакција, туку заради одговорност. За него, камерата била начин да се документира нешто што во иднина некој ќе се обиде да го негира.

Филмот го ко-режираше заедно со David Borenstein, режисер со седиште во Копенхаген, кој во Таланкин препознал ретка комбинација на сведок и автор. Нивната соработка започнала од далечина – преку материјали што Таланкин ги испраќал со месеци, често снимајќи секојдневни сцени кои, во контекст на пропагандата, добиваат вознемирувачко значење: часови по „патриотско воспитување“, воени симулации за деца и говори што ја нормализираат војната.

Приказната не завршува со филмот. Во 2024 година, Таланкин бил принуден да ја напушти Русија. Заканите станале конкретни и лични. Една порака од неговиот роден град останала особено врежана: „Ќе се вратиш еден ден – и ќе ти ги скршиме колената.“ Иронијата со која тој ја прераскажува денес не ја намалува тежината на пораката.

Во меѓувреме, во Карабаш владее молк. На локалните форуми, каде што се дискутира буквално за сè; од локални кавги до изгубени животи – неговото име не постои. За дел од заедницата, тој е избришан. За други, предавник. Но има и такви што му се јавиле тајно, признавајќи дека филмот им ги „отворил очите“ за тоа што навистина им се зборува на децата.

Филмот беше пречекан со стоечки овации на Меѓународниот фестивал за документарен филм во Јихлава, каде што критиката го опиша како еден од најемотивните и највознемирувачки наслови на годината. Но признанијата не носат автоматска безбедност. Напротив, меѓународното внимание често значи поголем ризик.

По бегството, Таланкин денес живее во Европа и за првпат отворено зборува без страв од непосредна репресија. Сепак, чувството на несигурност не исчезнува целосно. Како што забележуваат и продуцентите на филмот, дури и во Европа имало обиди за негова дискредитација преку лажни обвинувања и онлајн кампањи.

„Во Русија, ако зборуваш – те замолчуваат. Те апсат, те исфрлаат или те бришат“, вели Таланкин. „Тука можам да зборувам и да бидам слушнат. А тоа е суштината.“

Токму затоа „Г-дин Никој против Путин“ не е само филм за Русија, туку и предупредување за тоа колку лесно образованието може да стане оружје, а тишината форма на соучесништво. Во време кога културата, филмот и образованието сè почесто се наоѓаат под политички притисок, приказната на Таланкин потсетува дека сведочењето има цена, но и дека молкот чини уште повеќе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни