Монах на МПЦ-ОА го анатемиса секој што повикувал на вакцинација против Ковид и секој што користи вештачка интелигенција

На Недела на Православието, јеромонахот Спиридон од Јанковец кај Ресен самоволно го дополнил Синодикот со осуда на лекарите, научниците, оние кои ќе се бунтуваат против властите и оние „кои повикуваат на промени” – а верниците трипати одговориле: „Анатема!”

Богослужбата за Недела на Православието во Монастирот „Успение на Пресвета Богородица” во селото Јанковец кај Ресен прерасна во контроверза откако игуменот, јеромонахот Спиридон, самоволно го дополнил класичниот текст на Синдиконот со анатеми кои немаат преседан во редовната црковна практика.

Три анатеми надвор од Синодикот

Покрај традиционалните формулации против гонителите на Црквата, Спиридон го прочита и следново: анатема за сите кои „под присила, принуда и уцени ги принудуваа [луѓето] да се вакцинираат против Ковид”. Доколку тоа се преведе во конкретни имиња, значи дека анатемата ги опфаќа и лекарите и научниците кои зборувале за пандемијата и за опасноста од невакцинирање. Веднаш потоа следеше анатема за „оние кои со магии ги повикуваат демоните и се надеваат на вештачката интелигенција”. Третиот прочитан додаток ги осудува сите кои „не веруваат дека светите цареви на престолот се поставуваат по Божјо провидение” и оние кои „се бунтуваат и повикуваат на промени”. На секоја формулација, неколкумина присутни верници во хор трипати одговориле: „Анатема!”

Монах со историја на скандали

Јеромонахот Спиридон не е непознат по ваков вид настап. Според religija.mk, тој последователно ги напуштил Лесново и Осоговскиот Манастир, а во моментот е сместен во Преспанско-пелагониската епархија.

Реакцијата на МПЦ-ОА – отсутна

Засега нема официјален одговор ниту дистанцирање од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА. Видеото на кое е снимен настапот на Спиридон брзо се проширило по социјалните мрежи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни