Когнитивниот пад е природен дел од стареењето и најчесто започнува незабележливо уште во четириесеттите години. Сепак, нова научна студија укажува дека постојат три клучни животни доби во кои стареењето на мозокот станува поизразено кај поголемиот дел од луѓето.
Според истражување објавено во списанието Nature Aging, најзначајни промени се регистрирани во 57., 70. и 78. година од животот. Научниците анализирале нивоа на 13 протеини поврзани со забрзаното стареење и невродегенеративни заболувања, при што токму во овие периоди биле забележани нагли „скокови“ во когнитивниот пад.
Зошто токму овие години се критични?
Истражувачите посочуваат дека овие фази често се поклопуваат со значајни животни и биолошки промени. Во 57та година, когнитивните промени се поврзуваат со хормонални промени и процеси типични за средната возраст. Во 70та година, влијание има и т.н. „пензионерски ефект“ – намалена ментална стимулација по напуштањето на работниот процес. Во 78. година, клучна улога играат т.н. когнитивни резерви, односно менталната отпорност изградена низ животот.
Професорката Барбара Џ. Сахакијан од Универзитетот во Кембриџ, коавторка на студијата, истакнува дека овие промени не се неизбежни. „Како што управуваме со холестеролот години пред срцев удар, така и грижата за мозокот треба да започне најмалку една деценија пред овие критични точки“, вели таа.
Улогата на животниот стил
Студијата нагласува дека животниот стил има клучно влијание врз тоа колку изразен ќе биде когнитивниот пад. Физичката активност, одржувањето здрава телесна тежина, контролата на холестеролот и шеќерот во крвта, како и редовната ментална стимулација, се меѓу најважните заштитни фактори.
Научниците предупредуваат дека дебелината, хроничниот стрес, социјалната изолација и недостигот од интелектуални предизвици можат значително да го забрзаат стареењето на мозокот.
Менталната активност како заштита
Особено во периодот пред и по пензионирањето, експертите препорачуваат активности кои го „предизвикуваат“ мозокот – учење нов јазик, танцување, музика, друштвени активности и задачи кои бараат концентрација и координација.
„Принципот ‘користи или изгуби’ важи и за мозокот“, предупредуваат истражувачите, додавајќи дека когнитивните резерви изградени во текот на животот можат значително да го одложат појавувањето на деменција и други нарушувања.
Пораката на студијата
Иако стареењето на мозокот е природен процес, научниците порачуваат дека начинот на живот игра далеку поголема улога отколку што се мислеше. Раната грижа за физичкото и менталното здравје може да направи значајна разлика во подоцнежните години.
