Експоненцијален раст на пратките со мала вредност
Според податоците на Европската комисија, во 2023 година на европскиот пазар пристигнале околу 4,6 милијарди пакети со вредност под 150 евра, што значи околу 12 милиони пакети дневно. Ова е двојно повеќе во однос на 2022 година и три пати повеќе во однос на 2021 година.
Проблемот со овој масовен увоз е што значителен дел од овие производи не ги исполнуваат европските регулативи и често не се подложени на соодветни безбедносни проверки. Освен тоа, европските компании, кои ги следат строгите стандарди на ЕУ, се изложени на нелојална конкуренција од продавачи кои пласираат производи со пониска цена, но и со сомнителен квалитет.
Што предвидуваат новите мерки?
Европската комисија предлага:
- Укинување на ослободувањето од царина за пакети со вредност под 150 евра
- Засилени контроли на увозните производи
- Воведување на посебна такса за покривање на зголемениот обем на работа на царинските служби
Ова значи дека, доколку мерките бидат усвоени, потрошувачите во ЕУ ќе мора да плаќаат и царина и дополнителна такса за своите онлајн нарачки од платформи како Тему Ова би можело значително да ги зголеми крајните цени на производите и да го намали интересот за купување од вакви онлајн продавници.
Можно целосно забранување на Тему?
Иако засега нема конкретна одлука, Европската комисија не ја исклучува можноста за целосна забрана на платформата Тему доколку се утврди дека не ги почитува правилата на европскиот пазар.
Овие предлози сè уште треба да бидат разгледани од земјите членки и Европскиот парламент, но доколку бидат усвоени, би можеле значително да го променат начинот на онлајн купување во ЕУ.