Ако ги прашате моите најблиски ќе ви потврдат дека отсекогаш ја повторував реченицата „Ако некогаш во животот имам 50 години, а се однесувам како да имам 20, ќе знам дека некаде сум фатила погрешен правец.“ Денес сум среќна и уживам во своите триесети, несфаќајќи зошто некогаш ми велеа ќе ти фали да си на овие години. Не, не ми фали. Кога бев во дваесетите точно поминав и доживеав се што требаше. Апсолутно не чувствувам желба да се враќам назад. Сега сум таму каде што сакам да сум и се она што научив до сега благодарение на годините за мене вреди богатсво! Никогаш не би се вратила назад!
Така дојдов до прашањето од каде е трендот и желбата да се остане во дваестетите? Зошто жени од 40 и кусур, 50 и кусур години не уживаат и не ја величат својата возраст и зрелост? Од кога започнавме да се плашиме од брчки и природен изглед на лице? Да, јас сакам кога една жена е негувана и средена, но повеќе би препочитала ако тоа не е направено со илјада и една корекција и апсолутно никаква природност.
Најтажното од се е што девојчиња од 18-20 години се интересираат за ваквите козметички зафати. Јас на 18 ми беше важно да ги видам другарките и да си поминеме одлично на излегување. Денешниве 18 годинишни девојки им е важно да имаат наполнета усна и да започнат уште сега со третмани против брчки иако тие брчки ќе дојдат за 30 години. И кога ќе дојдат мислам дека се најубавиот сведок за сите спомени што еден човек ги носи со себе.

Кога станува збор за стравот од стареење, Холивуд е една од индустриите каде апсолутно е „страшно“ да остариш. Но, дури и овде прекрасната Мерил Стрип ќе ви докаже дека годините се нешто што треба да се носи со грациозност и гордост. Мерил има брчки, седа коса и експресивно лице наспроти целиот ботокс во Холивуд кој не дозволуваа експресии. Таа ИЗГЛЕДА ПРЕКРАСНО затоа што нема ништо лошо во тоа да остариш. Нормално е, природата го налага и подоцна или покасно сите мора да го поминеме.
Многу потажно ми е кога жени и мажи не може да си ги прифатат своите години, па се однесуваат како се уште да може да им парираат или да застанат рамо до рамо со дваестетгодишните млади луѓе. Наместо тоа, зошто да не се направи чекор назад и да им се дозволи да се истакнат и да покажат што знаат? Зошто да бидат конкуренција и да мораме да се напреваруваме со нив? Искрено во животот може да се натпреваруваш со многу работи, но никогаш со младоста.

Сакам да гледам негувани луѓе кои ги прифатиле своите години и го живеат својот живот среќни за целата зрелост и искуство кои ги имаат, наместо жалење за младоста. Секоја возраст си доаѓа со свои добри страни! Сакам да престанеме да се плашиме од брчките и да ги менуваме нашите лица, резултирајќи со тотална промена на физичкиот опис. Сакам да гледам повеќе природни девојќи околу мене наспроти порцелански кукли кои буквално немаат никакви експресии.
Сакам моите внуки и идни деца да ги научам дека се прекрасни такви какви што се и дека секогаш ќе победува интелегенцијата, добрината, карактерот и душата наспроти физичкиот изглед. Тоа што природата не создала уникатни и единствени е нешто најубаво во споредба со козметичкиот калап од кој сите девојки сега излегуваат личејќи една на друга. Не сум против козметички зафати кои ќе ви помогнат да се чувстувате посреќни, но сум против претерување и лаги дека така изгледате природно. Немам ништо против негуваниот изглед, но ми пречи кога луѓето не си ги прифаќаат годините и не се однесуваат следствено со нив. Не може сите да имаме по 20 години, некој мора и да преземе одговорност и да им помогне на оние кои вистински имаат 20 години да продолжат да градат подобра иднина за сите нас.