Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од Светската здравствена организација (СЗО) предизвика домино ефект низ целиот свет, но никој не знае точно што ќе се случи.
Во Аргентина, претседателот Хавиер Милеи иницира повлекување од здравствената агенција на Обединетите нации (ОН), додека унгарскиот претседател Виктор Орбан јавно размислуваше за излез, а италијанските десничарски политичари и министерот за здравство исто така се судрија околу тоа дали да ја напуштат организацијата.
Сепак, овие светски лидери открија дека повлекувањето од СЗО всушност не е толку едноставно поради правната рамка којашто е воспоставена кога била основана организацијата во 1946 година.
„Фер е да се каже, во оваа смисла, дека тоа не е едноставно“, изјави Стивен Соломон, главен правен службеник на СЗО.

Речиси секоја земја е членка на СЗО. Откако се приклучија, тие потпишаа устав кој ги поставува улогата и одговорностите на организацијата, на пример помагање на владите да ги подобрат своите здравствени услуги и обиди да ги искоренат болестите. Тој документ, кој е меѓународен договор, нема клаузула која дозволува повлекување. Соломон рече дека тоа е затоа што неговите изготвувачи го гледале глобалното здравје како критично прашање со кое треба да се постапува на што е можно поинклузивен начин.
„Идејата во областа на јавното здравје беше СЗО да биде што е можно поуниверзална“, изјави за Euronews Health, Стефани Дагрон, професорка по меѓународно право, фокусирана на глобалното здравје на Универзитетот во Женева.
Меѓутоа, кога САД се приклучија во 1948 година, го задржаа правото да излезат од СЗО, одредба на која се согласија другите земји, но не преговараа сами за себе. Тоа би можело да го направи заминувањето законски покомплицирано за Аргентина и другите потенцијални дезертери.
,,Сепак, „фактот што меѓународен договор не предвидува повлекување од организацијата не значи дека земјите не можат да се повлечат“, изјави за Euronews Health Педро Виљареал”, кој го истражува глобалното здравствено право во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

Друг договор, односно Виенската конвенција од 1969 година, дава некои индиции за тоа како може да се одвива излегувањето од СЗО. Во него се вели дека ако земјите-членки сакаат да се повлечат од меѓународните договори на кои им недостасуваат клаузули за повлекување, тие мора да најават една година претходно. Тоа би можело да ја забави временската рамка за Аргентина и другите да се одвојат од СЗО.
Меѓутоа, иако заминувањето на САД беше вознемирувачко, тоа не е сосема без преседан. Советскиот Сојуз, на пример, ја напуштил СЗО во 1949 година, а потоа повторно се приклучил во 1956 година.
,,Сепак, организацијата не го сметаше Советскиот Сојуз како формално повлечен, туку како земја со „неактивен статус“, вели Соломон од СЗО.
,,Денес, „прашањето дали е можно повлекување и ако е така, како би се ефектуирало и под кои услови, е прашање на толкување“, додаде тој.
Не е јасно што би се случило доколку СЗО преговара за „неактивен статус“ за земјите коишто сега планираат да излезат, а кои се во неизвесност“, рече Виљареал.

Но, тоа може да значи дека ако подоцна сакаат повторно да се приклучат кон СЗО, би можеле да прескокнат некои од формалностите, како што е повторно ратификување на уставот. Нивните обврски кон СЗО би биле друга работа. Сите земји-членки се обврзани да плаќаат годишни такси – САД се најголем придонесувач. Но Виљареал рече дека ако останат неактивни и престанат да ги плаќаат своите давачки, ќе го изгубат правото на глас на Светското здравствено собрание, годишен состанок на кој земјите донесуваат одлуки за СЗО.
,,Тие, исто така, можеби нема да имаат корист од глобалните здравствени проекти, што би можело да донесе најголеми последици за земјите како Аргентина и Унгарија”, додава Виљареал.
Соломон рече дека секоја дебата за земјите што ја напуштаат СЗО треба да се води на Светското здравствено собрание, чиј следен состанок е закажан за во мај.
,,Засега тоа прашање не е на дневен ред. Во моментов, тоа е политичка најава“, вели Стефани Дагрон, професорка по меѓународно право, фокусирана на глобалното здравје на Универзитетот во Женева.