Оставката на канцеларот Карл Нехамер ја доведе Австрија на работ од нова политичка криза. Според неговите изјави, договорот за коалиција повеќе не е возможен, а сосема е извесно дека Нехамер ќе се повлече од челото на Австриската народна партија (ОВП), поради што се споменуваат неколку имиња за нов лидер. За изненадување на многумина, се споменува и Себастијан Курц, поранешен канцелар и мајстор на скандали.
Нехамер ги прекина преговорите за коалицијата, нагласувајќи дека „договорот не е можен“.
Како потенцијални наследници на Нехамер се споменуваат Каролине Едтштедлер, Волфганг Хатмансдорфер и – Себастијан Курц. Тој двапати беше канцелар, но минатата година беше осуден на условна казна од осум месеци за давање лажни изјави.
Курц беше канцелар од 2017 до 2019 година и повторно од 2020 до 2021 година. Во 2021 година поднесе оставка поради обвиненија за корупција. Брзо по тоа, започна нова работа кај милијардерот Петер Тил во компанијата „Тил Капитал“, каде работеше како глобален стратег.
ОВП сега бара нов кандидат кој ќе ја води партијата на потенцијалните избори. Меѓутоа, Курц од „вундеркиг“ брзо стана мајстор на скандали, а ова се најпознатите афери во кои беше главен актер:
Афера Ибица (2019)
Курц во 2019 година беше под истрага за лажно сведочење во аферата Ибица. Скандалот се однесува на тајни снимки на коалициониот партнер Ханс Кристијан Штраце, кој преговараше со наводна роднина на руски олигарх за финансиска поддршка на неговата партија во замена за политички повластувања. Штраце поднесе оставка, а на изборите кои следеа, ОВП ја доби најголемата поддршка и формираше нова влада.
Истраги за корупција (2020)
Во 2020 година, Курц се соочи со истрага за неговото учество во аферата Ибица, која вклучува наводни обиди за подмитување и трговија со влијание. Курц и други функционери на ОВП беа поврзани со истрага за корупција поврзана со приватизација на казина и лобирање за политички услуги.
Скандал “Уцена” (2021)
Курц се соочи со обвиненија за „уценување“ во скандалот каде се тврди дека ОВП се обидувала да манипулира или контролира официјални лица во различни институции за да ги заштити нивните интереси.
Афера предизборна кампања (2021)
Оваа афера се однесува на наводна злоупотреба на јавни средства за предизборни кампањи во 2016 година, кога се тврди дека ОВП користела пари од даночни обврзници за политички цели.
Заради притисокот по откривањето на овие истраги, Курц поднесе оставка на местото канцелар во 2021 година. Тој тогаш изјави дека сака да „ја избрише дамката од своето име“, но дека станува збор за политички прогон, најпрво него, а потоа и неговите партиски партнери.
По напуштањето на политиката, Курц започна работа како стратег и се посвети на приватниот бизнис, но ретко се огласуваше во врска со аферите и скандалите.