Карлос Алкарас продолжува да ги поместува границите на тениската историја и полека, но сигурно, да ги надминува достигнувањата на легендарната „Голема тројка“.
Младиот Шпанец во неделата стана најмладиот тенисер во историјата со седум освоени Грен слем титули. На возраст од 22 години и 272 дена, Алкарас го надмина рекордот на Бјорн Борг, кој до истата бројка стигнал со 23 години и 4 дена.
За споредба, Рафаел Надал ја освои својата седма Грен слем титула со 24 години и 3 дена, додека на Роџер Федерер му беа потребни уште 171 ден повеќе.
Новак Ѓоковиќ, апсолутниот рекордер со 24 Грен слем трофеи, до седмата титула стигна дури во 2014 година, кога имаше 27 години и 45 дена.
Колку е реално да се стигне до рекордот на Ѓоковиќ?
Доколку Алкарас продолжи со просек од две Грен слем титули по сезона, теоретски би можел да го израмни рекордот на Ѓоковиќ на 31-годишна возраст. Тоа е бројка што денес ја делат Ѓоковиќ и легендарната Маргарет Корт, најтрофејната тенисерка во историјата.
Со седум трофеи од најголемите турнири, Алкарас веќе се изедначи со имиња како Џон Мекинро и Матс Виландер, а на вечната листа на освојувачи на Грен слемови моментално е на деветтото место.
Пред него се:
- Новак Ѓоковиќ (24)
- Рафаел Надал (22)
- Роџер Федерер (20)
- Пит Сампрас (14)
- Бјорн Борг (11)
- Андре Агаси (8)
- Џими Конорс (8)
- Иван Лендл (8)
Следната шанса за нов трофеј Алкарас ќе ја има на Ролан Гарос (24 мај – 7 јуни), каде што ги освои титулите во последните две сезони.
Втор најтрофеен активен тенисер
Актуелниот шампион на Австралијан опен е втор меѓу активните тенисери по број на освоени титули (25), веднаш зад Новак Ѓоковиќ, кој има импресивни 101.
Зад Алкарас се Јаник Синер и Александер Зверев со по 24 трофеи.
Во рамки на шпанскиот тенис, Алкарас се приближува до Давид Ферер (27 титули), додека пред него се само Рафаел Надал (92) и Маноло Орантес (34).
„Научив да уживам во секој момент и да го ценам животот што го имам. Знам дека пишувам историја и чест е да го гледам своето име во книгите“, изјави Алкарас.
Голема бодовна предност на АТП листата
Со најновиот успех, Алкарас на новата АТП-листа има 3.350 бодови повеќе од Синер, што му гарантира настап на Мастерсот во Мајами како светски број еден.
До тогаш брани 1.000 бодови, а Синер математички нема шанса да го престигне, дури и ако ги освои сите турнири.
