Може ли гренландскиот кит, кој живее повеќе од 200 години, да ни помогне да го забавиме стареењето?

Научниците открија дека најдолговечниот цицач на планетата – гренландскиот кит (bowhead whale) – има извонредна способност да ги поправа оштетувањата на ДНК, што може да биде клучот за неговиот исклучителен животен век.

Истражувачите од Универзитетот во Рочестер, предводени од професорката Вера Горбунова, откриле дека китовите се особено ефикасни во поправка на двострани прекини на ДНК, процес во кој се оштетуваат двете спирали на молекулот. Тоа значи дека кај нив се акумулираат многу помалку мутации – состојба што кај луѓето води кон стареење и поголем ризик од рак.

Клучен фактор во овој процес е протеинот CIRBP, кој се активира при изложеност на студ. Гренландските китови живеат во арктички води и произведуваат дури 100 пати повеќе CIRBP од луѓето. Овој протеин не ги уништува оштетените клетки, туку ги „поправа“ со исклучителна прецизност – стратегија што, според научниците, придонесува за нивната долговечност и отпорност на болести.

Во експерименти со човечки клетки, зголемувањето на CIRBP ја удвоило способноста за поправка на ДНК, а кај инсекти дури го продолжило животниот век и ја зголемило отпорноста на радијација.

„Ова покажува дека и кај луѓето постои простор за подобрување,“ изјави Горбунова. „Долго се мислеше дека нашата способност за поправка на ДНК е на своето максимум, но китовите очигледно тоа го прават подобро.“

Научниците сега спроведуваат експерименти со глувци кои имаат зголемени нивоа на CIRBP, за да откријат дали и кај нив ќе се продолжи животниот век. Тие исто така сакаат да испитаат дали капењето во ладна вода или студените тушеви може да го поттикнат истиот биолошки ефект.

„Ќе видиме дали краткотрајното изложување на студ е доволно, но истражуваме и фармаколошки начини за стимулирање на истиот механизам – бидејќи не секој сака да плива во ледена вода,“ додава Горбунова.

Според Габриел Балмус од Институтот за истражување на деменција во Кембриџ, зголемувањето на способноста за поправка на ДНК кај луѓето би можело да го забави процесот на стареење и појавата на болести поврзани со него, но предупредува дека тоа „ќе бара внимателен баланс меѓу биолошката издржливост и природните граници на човечкото тело“.

Истражувањето сугерира дека студените арктички води не само што му помагаат на гренландскиот кит да преживее, туку можеби го чуваат и тајниот клуч за долгиот и здрав живот – тајна која научниците се надеваат еден ден да ја применат и кај луѓето.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни