Може ли ChatGPT да замени психотерапевт?

Краткиот одговор е – не може. Но, вештачката интелигенција не е баш нешто за фрлање, како што покажуваат некои експерименти.

Депресија, исцрпеност, навидум нерешливи животни проблеми… Сè потешко е да се најде некој, дури и во семејството, кој би слушал нечии проблеми, а психотерапевтите се преоптоварени.

Дали четботите, контролирани од механизми за вештачка интелигенција, можат да помогнат во такви случаи?

Јохана Ленер, професорка по клиничка психологија и психотерапија на Универзитетот во Ерланген-Нирнберг, вели дека тоа може да помогне донекаде, особено за младите.

Пред се затоа што ваквите портали се лесно достапни, што значи дека ќе им биде многу полесно да се решат да побараат помош на овој начин. Според професорката, тоа е решение „за луѓето кои чувствуваат отпор да одат на психотерапија, или поради страв да не бидат ‘етикетирани’ како ментално болни или поради тоа што се срамат воопшто да зборуваат за одредени работи.“

Но, таа предупредува: модулите за вештачка интелигенција се далеку од професионална помош, дури и кога станува збор за бихејвиорална терапија, а особено за психоанализа.

Мал експеримент на платформата ChatGPT јасно го покажа ова во случај на можна клиничка депресија. Ако корисникот само се жали дека „ништо не го прави среќен“ и дека „попрво би лежи во кревет цел ден“, но и дека „не може да спие“, компјутерот дава само „паметни“ совети дека можеби е добра идеја да се прошета на свеж воздух или да ја промени диетата.

Само ако корисникот му ја испрати на компјутерот речиси целата листа на симптоми на депресија од медицинскиот лексикон (замор, раздразливост, безволност, нарушување на спиењето, недостаток на апетит…), ќе „кликне“ нешто во компјутерот и тој ќе ги препознае симптомите.

Па дури и тогаш, одговорот ќе биде: „Би било добра идеја да разговарате со лекар или терапевт за ова за да ја добиете вистинската поддршка“.

Од друга страна, секој искусен терапевт веднаш би ги препознал дури и првите знаци на овие симптоми.

Сепак, научниците спроведоа мал тест (Кога ЕЛИЗА се среќава со терапевти) во врска со советувањето за парови. Паровите морале да проценат дали одговорот на едно од нивните прашања го напишал психотерапевт или вештачка интелигенција.

Одговорите ги напишале 13 терапевти, а наспроти нив ChatGPT. Прашањата и одговорите беа оценети од 830 учесници во експериментот – со изненадувачки исход. Имено, проценката беше дека ChatGPT дава подобри одговори и дава појасни и поконкретни совети од терапевтите.

За професорката Ленер, ова во никој случај не е доказ за ефикасноста на вештачката интелигенција во психотерапијата.

Ласе Зандер, раководител на одделот за медицинска социологија на Универзитетот во Фрајбург, исто така, не гледа јасни докази во овој експеримент: „Терапијата со парови воопшто не е психотерапија. Терапијата има цел да ги намали симптомите на ментална болест“, потсетува професорот.

Терапијата за парови најчесто се сведува на советување во врска со нивните очигледно нарушени односи – и тука „вештачката интелигенција“ може да помогне до одреден степен.

Професорот Зандер не е целосно против вештачката интелигенција ниту во случај на ментални нарушувања: „Има огромни предности: не троши ресурси, достапна е 24/7 и секој може релативно анонимно да контактира со неа, што е корисно за луѓето кои се плашат да бидат стигматизирани“.

Затоа што, според неговото искуство, „многу луѓе со ментални нарушувања не одат на психотерапевт дури и кога таа помош е бесплатна“.

Сепак, тој на компјутерот гледа само како дополнително помагало на „вистинската“ терапија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни