Бидејќи климатските промени поттикнуваат зголемување на температурите ширум светот, нова студија предупредува дека екстремната топлина може да го забрза процесот на стареење кај повозрасните лица.
Според студијата којашто е објавена неделава во списанието Science Advances, постарите лица изложени на долги периоди на екстремна топлина покажале знаци на зголемено биолошко стареење.
Истражувачите од Универзитетот во Јужна Калифорнија испитувале податоци од повеќе од 3.600 луѓе во САД, на возраст од 56 години и постари, споредувајќи ги нивните биолошки маркери со температурите во нивните локални средини.

Оние кои живеат во области со чести денови над 32°C, од Националната метеоролошка служба на САД, класифицирани како „екстремна претпазливост“ или повисока, имале забрзана биолошка старост, понекогаш и за повеќе од една година.
Што е биолошко стареење и зошто е важно? За разлика од хронолошката возраст, која ги брои годините од раѓањето, биолошката возраст го одразува ,,абењето” на телото на клеточно и молекуларно ниво. Повисоката биолошка возраст од хронолошката возраст е поврзана со зголемен ризик од болести и прерана смрт. За студијата, истражувачите анализирале примероци од крв собрани во период од шест години од 2010 до 2016 година, вклучително и од учесници во жешките региони како Аризона.
Научниците потоа ја мереле нивната возраст со помош на епигенетски часовници, алатки кои ги следат промените во ДНК со текот на времето, и ги вкрстиле резултатите со податоци за локалниот индекс на топлина, што ги опфаќа и температурата и влажноста.
Резултатите покажаа дека оние во пожешките клими имале побрзо движечки епигенетски часовници, дури и откако биле земени предвид факторите на животниот стил како вежбање, пушење и консумирање алкохол. Додека високите температури сами по себе се штетни, влажноста дополнително го комплицира процесот.

„Навистина се работи за комбинацијата на топлина и влажност, особено за постарите луѓе, бидејќи постарите возрасни лица не се потат на ист начин“, објаснува професорката по геронтологија на USC, Џенифер Еилшир, постар автор на студијата. „Почнуваме да ја губиме нашата способност да имаме ефект на ладење на кожата што доаѓа од испарувањето на потта”, додава таа.
Во влажни услови, потта испарува побавно, намалувајќи ја способноста на телото да се лади.
„Треба да ги погледнете и температурата и влажноста за навистина да го разберете вашиот ризик“, додава Еилшир.
Со порастот на глобалните температури, наодите ја нагласуваат итната потреба да се заштитат ранливите популации, особено постарите, од здравствените ризици поврзани со топлина.

Според Светската метеоролошка организација (СМО), 2024 година била најтоплата година досега, околу 1,6 °C над прединдустриското ниво. И топлотните бранови стануваат се почести и посилни. Претходните истражувања ја поврзуваат екстремната топлина со кардиоваскуларниот стрес, проблемите со бубрезите, па дури и когнитивниот пад. СЗО проценува дека топлината убива повеќе од 175.000 Европејци секоја година, а без интервенција, климатските промени би можеле да доведат до 2,3 милиони дополнителни смртни случаи низ Европа до 2099 година.
Истражувачите нагласија дека градовите би можеле да го намалат влијанието на екстремната топлина со зголемување на урбаните зелени површини, засадување повеќе дрвја и дизајнирање на јавна инфраструктура имајќи ја предвид отпорноста на топлина. Без такви мерки, зголемувањето на температурите би можело да претставува уште поголема закана за стареењето на населението во светот во децениите што доаѓаат.