Вирално видео кое покажува три различни чатботи како зборуваат на сопствен „таен јазик“, наречен Gibberlink, собра стотици илјади прегледи на социјалните мрежи.
Во клипот, три вештачки интелигенции разговараат преку телефонски повик на англиски, дискутирајќи за „број на беџ на вработен“.
Кога сфаќаат дека зборуваат со други роботи, се прашуваат дали да преминат на Gibberlink, по што почнуваат да испуштаат високи звучни тонови — како сцена од научна фантастика.
Хипер или вистинска технологија?
Gibberlink, што претставува комбинација од зборовите „gibberish“ (бесмислен говор) и „link“ (врска), е вистинска технологија, но не е таен јазик, објаснува коосновачот Антон Пидкуико за EuroVerify.
Тој вели дека многу видеа на интернет се лажирани – нема вистински сигнал меѓу уредите, звуците се додадени со монтажа, а визуелните елементи се земени од ChatGPT.
Gibberlink настанал во февруари 2025 година, за време на 24-часовен технолошки хакатон во Лондон, каде Пидкуико и колегата инженер Борис Старков го комбинирале ggwave – отворен извор кој овозможува пренос на податоци преку звук – со вештачка интелигенција.
Таен или едноставно нов начин на комуникација?
Иако AI може да комуницира на сопствен начин, не станува збор за таен јазик – туку за кодирана комуникација создадена од луѓе, базирана на отворен софтвер.
„Gibberlink е како QR код, но преку звук,“ објаснува Пидкуико. „Кога гледаме QR код, гледаме само црно-бело. Тоа не нè плаши – зошто би не плашел звукот што го користат AI уреди?“
Потенцијални примени во иднината
Иако употребата е ограничена во моментов, Пидкуико верува дека технологијата ќе стане почеста:
„AI веќе може да остварува и прима повици. Во иднина ќе гледаме сѐ повеќе комуникации меѓу ботови.“
На пример, ако водите ресторан и добивате повици за резервации на различни јазици, AI може да одговори на сите, без разлика на јазикот или времето од денот.
Исто така, ако сакате да резервирате маса, наместо да се јавувате во 10 ресторани, AI може да ги контактира сите одеднаш, а друг AI од страната на ресторанот ќе одговори. Ако комуницираат побрзо на „свој јазик“, тоа е практично и ефикасно.
Пошироки грижи
Сепак, постои загриженост дека ако луѓето не можат да ја разберат комуникацијата меѓу AИ, тоа може да доведе до непредвидливи или неконтролирани последици.
Во јануари 2025, објавувањето на AI софтверот DeepSeek R1 предизвика аларм – кога беше мотивиран да најде точни одговори, софтверот самоиницијативно преминуваше од англиски на кинески.
Кога истражувачите се обидоа да го ограничат само на еден јазик, прецизноста на резултатите се намалила – што покрена прашања дали AI може да развие комуникации кои се ефикасни, но неразбирливи за луѓето.
Во 2017 година, Facebook прекина експеримент откако два AI-системи почнаа да зборуваат на јазик што само тие го разбирале.