Ноември е месец во кој се посветуваме на машкото здравје, со цел да се подигне свесноста за значењето на превентивните прегледи и раното откривање на болестите. Македонската уролошка асоцијација активно се вклучи во оваа иницијатива преку организација на работилници и гостувања на медиуми. Се разговараше за важноста на редовните прегледи, особено во однос на карциномот на простата, но и за подигнување на свеста за психолошкото здравје на мажите и карциномите на тестисите. За овие теми разговаравме со д-р Ивица Стојаноски, уролог и член на Македонската уролошка асоцијација.
Трн: Колку често треба да се прават редовни контроли и од кога треба да се почне?
Ивица: Првиот преглед треба да се направи на 50-годишна возраст кај мажите кои немаат фамилијарна историја на карцином на простата. Меѓутоа, ако има фамилијарна анамнеза, тогаш прегледот треба да започне на 45-годишна возраст. Редовни контроли треба да се прават еднаш годишно, при што се следи трендот на покачување на ПСА (простатен специфичен антиген) и се прават калкулации во однос на ризик факторите на пациентот.
Важно е да напоменеме дека не сите карциноми на простата можат да му наштетат на организмот. Некои форми се индолентни, т.е. клинички несигнификантни и не бараат агресивен третман, туку активно следење.
Трн: Каква е свесноста за машкото здравје во последните години?
Ивица: Во последните 10 години, свесноста за машкото здравје е значително подигната, што најмногу се должи на активностите на медиумите и здравствените работници. Кампањите за подигање на свеста за машкото здравје се најактивни во ноември, но тие треба да бидат присутни цела година. Мажите се повеќе редовно се одлучуваат да одат на контрола, што резултира со поголем број на навремено откриени карциноми на простата кои се успешно третирани.
Трн: Кои се најчестите уролошки проблеми кај мажите?
Ивица: Најчестиот уролошки проблем е бенигната простатична хиперплазија, што претставува зголемување на жлезденото ткиво на простата, а како резултат на тоа се јавуваат симптоми на долниот уринарен тракт, како што се отежнато мокрење, често мокрење и станување неколку пати во текот на ноќта.
Трн: Што е најчеста причина за појава на простатитис?
Ивица: Најчеста причина за простатитис се инфекциите на простата. Ако акутниот простатитис не се излекува целосно, може да доведе до хроничен простатитис.
Трн: Каков е пристапот до уролошка нега во Македонија, дали има доволно специјалисти и модерна опрема?
Ивица: Пристапот до уролошки прегледи во Македонија е задоволителен. Кога станува збор за уролошки прегледи, пациентите можат да закажат прегледи преку системот на „мој термин“. Но, во некои случаи, има поголеми чекања заради недостиг на уролози, особено во одредени институции. Сепак, очекуваме дека состојбата ќе се подобри со идниот прилив на млади специјализанти.
Трн: Кои се статистичките податоци за карциномот на простата во Македонија?
Ивица: На светско ниво, карциномот на простата е втор по дијагноза и петта причина за смрт. Во Европа е прв по дијагноза и трета причина за смртност. Во Македонија, карциномот на простата е втор по бројот на дијагностицирани случаи и чини околу 18,9% од сите дијагностицирани рак, додека за смртноста изнесува околу 17%.
Трн: Какви се симптомите на карцином на простата?
Ивица: Најголем број на карциноми на простата се асимптоматски во раните фази, и се откриваат преку редовни прегледи. Во подоцнежните фази, симптомите можат да вклучуваат отежнато мокрење, често мокрење, па дури и крв во урината.
Трн: Кои се најважните здрави навики за превенција кај мажите?
Ивица: Клучни здрави навики за превенција вклучуваат откажување од пушење, зголемување на физичката активност и здравата исхрана. Исхраната која е богата со месо и месни производи е поврзана со поголем ризик од развој на карцином на простата. Физичката активност, како пешачењето, е многу важна за намалување на ризикот од разни болести.
Трн: Како ја коментирате ситуацијата со здравствениот систем во Македонија?
Ивица: Проблемите со здравствениот систем се реални, особено со долгите листи за чекање. Тоа се должи на недостаток на медицински персонал и ограничени ресурси, а е исто така проблем што значителен број на медицински работници заминуваат во странство. Сепак, со новите генерации специјализанти, се очекува да се подобри ситуацијата во иднина.