Вечерва, на репертоарот на МОТ се три претстави кои се дел од селекцијата за наградата БИШ.
На малата сцена на МНТ, со почеток во 19:00 часот ќе биде изведена „БАКХИ: АГАВА“, според Еврипид и Тамара Барачков, а во режија на Нина Николиќ.
„Бакхи: Агава“ е претстава што ги поставува прашањата за издржливоста, страдањето, но и моќта на една жена. Која е цената на нејзиното целосно ослободување? Агава е жртвата и средството за одмазда на Зевсовиот и Семелиниот син, која како лик отсуствува до самиот крај. Додека се одвива главниот конфликт на линијата меѓу Пентеј — Дионис, Агава прозборува само во последниот чин, по чедоморството. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира/обработи и да ги вербализира. Токму затоа, велат авторите на претставата, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се обидовме да го дефинираме коренот на
нејзините проблеми и незадоволството. Прашањето од кое тргнавме е: која е оваа жена денес?
Во салата на МКЦ „25 мај“ вечерва (20:30) ќе биде изведена и претставата „СПАСЕНИ“, според текст на Томислав Зајец и во режија на Дамјан Костовски.
„Спасени“ зборува за осаменоста на луѓето во ова сурово и цинично време. Специфичната фрагментарна драматургија на текстот, едноставниот јазик и суптилната духовитост се фундаментот на оваа претстава, а преку брзиот ритам и динамичното темпо како сложувалка се открива приказната на десетте ликови, кои по некоја „случајност“ се наоѓаат заедно на ова патување. Несреќата со возот го менува светогледот на преживеаните патници и нивниот однос кон животот се редефинира и добива една сосема нова смисла.
Во истиот простор (МКЦ, Сала 25 мај) со почеток во 22:00 часот, програмата ја вклучува претставата „Кенди“ според текстови на Лук Дејвис и на ХОПС во режија на Тамара Стојаноска.
„Кенди“ е дуодрама што зборува за зависноста кај младите со фокус на опијатната зависност. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите. Приказ на едно „современо“ општество, кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Најзначен фактор, кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги, се токму родителите, кои, во многу случаи последни се соочуваат со проблемот.
Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги.