Мостот на Момин Поток конечно се поставува – почна во 2021, завршува во 2026

Проектот на Шилегов требаше да трае две и пол години – четири од нив поминаа под Арсовска и хроничен застој

Градоначалникот на Скопје објави дека започна поставувањето на мостот на Момин Поток, дел од инфраструктурниот проект кој со години предизвикуваше сообраќаен метеж на овој потег. Проектот, лансиран во јули 2021 од тогашниот градоначалник Петре Шилегов, со најавен рок за завршување од две до две и пол години, стигна до финалната фаза скоро пет години подоцна.

Што се гради

Проектот предвидува изградба на два кружни тека кои треба трајно да го решат „тесното грло” низ кое поминуваат околу 25.000 возила дневно, поврзувајќи четири општини. Покрај кружните текови, предвидени се и два моста на реката Серава, потпорни ѕидови, атмосферска и фекална канализација, велосипедски и пешачки патеки.

Застојот за кој никој не одговара

Градоначалникот Ѓорѓиевски призна дека изградбата се одвивала во сложени услови поради густиот сообраќај и нерешени имотно-правни односи, но дека сега процесите се одблокирани и работата се забрзува.

Шилегов во 2021 најавуваше дека со овој проект „до 2024 Скопје станува град со целосно решени сообраќајни проблеми”. Реалноста беше поинаква: четири години подоцна градот сè уште чека.

Финалната фаза

Во тек е изградба на атмосферска канализација на булевар „Никола Карев” во должина од 550 метри, а паралелно се гради и новиот мост на Серава со вкупна ширина од 44 метри, кој ќе премостува три ленти во еден и четири во друг правец. Уште во јануари, Ѓорѓиевски информираше дека изградбата се одвива со забрзано темпо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни