Москва вели „не“ на енергетско примирје: Лавров го отфрли предлогот на Зеленски

Русија официјално не го прифаќа предлогот за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, познат како „енергетско примирје“, што го изнесе украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова го потврди рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, ставајќи крај на шпекулациите за можен договор меѓу Москва и Киев.

Според објавата на „Киев пост“ на платформата Икс, Лавров јасно ставил до знаење дека Русија не гледа основа за ваков прекин на огнот, иако претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да коментира дали таква иницијатива воопшто е на маса.

Во изминатите денови, во јавноста циркулираа непотврдени информации дека и руските и украинските сили добиле неформални насоки привремено да ги запрат нападите врз енергетските објекти. Овие тврдења се појавија на воени блогови и Телеграм-канали, без официјална потврда од ниту една страна.

Про-Кремљ ориентираниот блогер Владимир Романов тврдеше дека на руските сили наводно им било наложено да се воздржат од напади врз украинската енергетска инфраструктура, вклучувајќи трафостаници, термо- и хидроцентрали, како и складишта за гас, нафта и гориво. Според тие наводи, ограничувањето требало да важи до 3 февруари.

Паралелно, украинскиот канал „Супернова плус“ објави дека слична, но исто така неофицијална инструкција, наводно била пренесена и до украинските војници – да се воздржат од напади врз руските енергетски објекти.

Овие информации беа поврзани со трилатералните разговори одржани на 23 и 24 јануари во Абу Даби, на кои учествувале и претставници на САД. Според извори блиски до разговорите, се разгледувала можноста Русија да ги запре нападите врз украинските енергетски капацитети, во замена за воздржаност на Киев од напади врз руски нафтени постројки и танкери.

Сепак, украински извори предупредија дека нема постигнат конечен договор и дека секој евентуален прекин би бил времен и кревок.

Во меѓувреме, Лавров дополнително ја заостри реториката, оценувајќи дека Украина е инструмент на Западот во поширок геополитички судир.

„Украина е пион и алатка што Западот ја користи за создавање директни закани за безбедноста на Русија, директно на нашите граници. Овој конфликт е голема конфронтација меѓу Русија и Западот – и тоа е факт“, изјави Лавров во интервју за турски медиуми, пренесе ТАСС.

Со оваа изјава, Москва испраќа јасен сигнал дека воено-енергетската деескалација засега не е приоритет, оставајќи го конфликтот отворен и во критичниот сегмент на енергетската инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни