Трамп во понеделникот изјави дека Вашингтон директно преговара со Иран околу неговата нуклеарна програма, која, според западните земји, претставува потенцијална закана за развој на оружје. Иран, пак, инсистира дека програмата има исклучиво мирољубива намена, а преговорите во Оман, според Техеран, се водат преку посредник.
„Ако преговорите не успеат, тоа ќе биде многу лош ден за Иран“, изјави Трамп, дополнувајќи дека доколку не се постигне договор, САД се подготвени за нови санкции и евентуално бомбардирање.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Андреј Руденко, изјави дека евентуален американски напад врз Иран би имал сериозни последици за регионот. Тој нагласи дека Москва е подготвена да посредува во дијалогот меѓу Техеран и Вашингтон, имајќи ги предвид блиските воени врски што Русија ги одржува со Иран.
Сепак, Руденко беше дециден дека Русија нема договорна обврска да интервенира во случај на воен судир.
Според Хамидреза Азизи, експерт за Иран и истражувач во германскиот тинк-тенк SWP, иранските власти се свесни дека во случај на директен судир со САД, веројатно ќе останат сами.