Морничава сцена во Германија: Крвави свастики на 50 автомобили и куќи во Ханау

Германскиот град Ханау повторно е потресен од шокантен инцидент. Во текот на ноќта, околу 50 автомобили, ѕидови на куќи и поштенски сандачиња биле испрскани со црвеникава течност за која се сомнева дека е човечка крв, а на многумина биле нацртани нацистички симболи – меѓу нив и свастики.

Полицијата ја покрена истрагата за уништување на имот и користење на забранет симбол.

Случај што ја вознемири јавноста

Дојава во полицијата пристигнала доцна вечерта во средата, кога еден маж забележал црвена свастика на хаубата од својот паркиран автомобил.
Откако патролата пристигнала на местото, открила уште десетици слични случаи – вкупно околу 50 оштетени автомобили, фасади и поштенски сандачиња.

Некои симболи биле неправилно исцртани или свртени, но полицијата ги идентификувала како свастики.
Прелиминарните тестови укажуваат дека користената течност е најверојатно човечка крв, но нејзиното потекло сè уште не е утврдено.

„Позадината и мотивот на овој чин моментално се целосно нејасни,“ соопштија истражителите.

Град со болно минато

Овој морничав инцидент особено ги вознемири жителите бидејќи се случува токму во Ханау, град кој во февруари 2020 година беше место на крвав десничарски терористички напад, кога екстремистот Тобијас Ратјен уби девет лица во два бара, ја усмрти и својата мајка, а потоа изврши самоубиство.

Потпретседателот на Бундестагот, Омид Нуријпур од партијата Зелени, изјави за весникот Bild:

„Ова ме остава без зборови. Овој чин го погодува самото срце на Ханау и повторно ги отвора раните од десничарскиот терор пред пет години. Мора што побрзо да се расчисти.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни