Вчера во 20 часот во Галерија МКЦ, се отвори новата изложба на Давор Кешќец, ликовен уметник од Скопје, чие творештво е длабоко вкоренето во секојдневието, инспирирано од музика, филм, минливи емоции и сложеноста на љубовта. Неговиот живописен и експресивен стил претставува фузија од кубизам, попарт и германски експресионизам, создавајќи уникатен визуелен јазик кој е истовремено интимен и смело динамичен.

Moon of Love е самостојна изложба што претставува збирка дела кои го одразуваат личното и уметничкото
патување на Кешќец — сурови импресии од секојдневниот живот, повторно замислени преку
фрагментирани форми, живи палети и емотивна интензивност. Во духот на германскиот експресионист
Ернст Лудвиг Кирхнер, кој веруваше дека „уметноста е средство за изразување на душата“, секое дело овде
зборува за внатрешни состојби, тишини и бури што ретко се гледаат, но често се чувствуваат.
Давор Кешкец е еден од најкреативните млади уметници на македонската сцена со препознатлив стил чии мурали раскажуваат нови приказни на градските улици. Давор, кој по вокација е графичар до сега има остварено неколку самостојни и групни изложби. Се инспирира од Кубизмот, Поп Артот, Германскиот експресионизам, Пост Графити уметноста….но и од Рокенролот и општо од музиката. Љубовта вели е вечна инспирација. Како дел од минатогодишниот „Комшилоок“ го видовме „Where Yu Go?“, култниот автомобил „Југо“ трансформиран во неверојатно уметничко дело.



Критичарите ќе кажат дека неговите делата константно варираат. Експресијата некогаш е послободна, некогаш е погеометриска, а истото се случува и со колоритот, некогаш е црно, бело и црвено, а некогаш пошарено. Муралите на Давор Кешкец се водени од идејата дека илјадници ќе ги гледаат секојдневно. Тоа е уметност што го привлекува вниманието и ја пренесува својата порака веднаш, дури и кога сте во движење или кога самиот мурал е во движење.

-Во денешно време свашта се дешава…гледам тоа да го избегнам во моите дела и да се посветам на стварите што мене ме интересираат, сакам да нурнам во мојата душа и тоа да го пренесам, сакам да го пренесам мојот свет, а не светот во кој живееме, инаку уметноста би немала поента. Од уметнички правци ме инспирира Кубизмот, Поп Артот, Германскиот експресионизам, Пост Графити уметноста….тоа најчесто се однесува за визуелната инспирација (форма,боја). Што се однесува за другото, Рокенролот ми ја ослободува душата, тој е тој што ми вика F*ck it, just do it..и најчесто музиката ме инспирира за насловите на делата. Друга инспирација ми е и нормално љубовта, љубовта е вечна инспирација, без неа ништо… Keep Lovin’- вели Кешкец.
Секое негово дело го повикува гледачот да навлезе во свет каде што внатрешната и надворешната реалност се судираат, доловувајќи ја поезијата на обичните моменти низ необичен објектив.