Реката Бхотекоши, надојдена по обилните монсунски дождови, го однела „Мостот на пријателството“ во местото Расувагади, околу 120 километри северно од главниот град Катманду, пренесува агенцијата АП.
Уништувањето на мостот целосно го прекина трговскиот сообраќај меѓу Кина и Непал по оваа клучна рута.
Според податоците на Националната агенција за намалување на ризици и управување со катастрофи, меѓу исчезнатите има 12 државјани на Непал и 6 државјани на Кина.
Поплавите исто така уништиле неколку куќи и товарни возила паркирани за царински преглед, меѓу кои и стотици електрични автомобили увезени од Кина.
На терен се распоредени најмалку 95 спасувачи, а во акциите за пребарување и спасување е вклучен и воен хеликоптер.
Потрагата по исчезнатите и проценката на штетите продолжуваат.
Со уривањето на мостот, Непал е принуден да се потпира на подолга алтернативна рута преку Индија за снабдување со стоки од Кина.
Монсунските дождови во Непал траат од јуни до септември и редовно предизвикуваат тешки поплави и прекини во сообраќајот.