Од денеска попладне до недела во Галичник ќе се одржува традиционалната Галичка свадба на која годинава младенци се Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. Нивната венчавка во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди, ќе биде в недела, 13 јули, што е и централен настан на манифестацијата.
Организаторот на Галичката свадба – Месната заедница Галичник, најави богата тридневна програма, која ќе почне вечер во амфитеатарот пред чешмата Упија со монодрама во чест на Ѓорѓија Пулевски и 150 години од издавањето на неговиот „Речник на три јазика“ (Тријазичникот), со настап на актерот Рубенс Муратовски. Текст за претставата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е напишан од Миле Бошњаковски и е на автентичен мијачки говор, а режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски.По премиерата вечер во Галичник ќе има забава со диџеј за помладите посетители, а од утре почнуваат свадбарските обичаи – пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро.
Како што најави организаторот, особено впечатлив момент ќе бидат ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој печалбарски крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред чешмата Упија. Во вечерните часови утре невестата, придружувана од свадбарите ќе оди да полни вода – обичај поврзан со семејната среќа.
В недела, денот на венчавката, ќе почне со традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, како и карактеристичниот обичај на Галичката свадба – „гледање низ прстен“. По испраќањето на невестата и дарувањето, ќе следува венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.