„Безгрешна“ е монодрама која ја раскажува приказната за Марија, востоличена како Мајка Божја, во интимна и кондензирана форма. Преку нејзината исповед, Марија ја споделува својата вистина за настаните што го променија светот, преиспитувајќи ги големите идеи кои, ако не се доведуваат во прашање, ризикуваат да умрат.
Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур. Претставата досега е наградена на бројни меѓународни фестивали, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Италија во 2021 година.
Томаж Пандур, чиј уметнички опус остави трага во словенечкиот и светскиот театар, седум години го водеше СНГ Марибор, од првата професионална претстава „Шехерезада“ до последната „Фауст“, експериментирајќи со театарските форми, деконструирајќи митски, архетипски и трансцендентални пејзажи и истражувајќи го односот помеѓу човечкото и божественото.
Ливија Пандур истакнува дека „Immaculata“ е длабоко личен и театарски чин, кој преку женската фигура на Марија ја прикажува историјата како слика, догма и инструмент на верата, но и како место за преиспитување на верата, загубата и човечката болка.
„Безгрешна“ има реализирано значајни меѓународни гостувања, меѓу кои Театро Еспањол во Мадрид (2017), Конхунто де Артес Есценикaс во Гвадалахара, Мексико (2017), фестивалот Мителфест во Италија (2020), фестивалот СОЛО во Москва (2021) и 10. Театарска олимпијада во Будимпешта (2023).
Гостувањето на „Immaculata“ во МНТ е дел од роденденската програма на театарот, во рамки на одбележувањето на 81 година од постоењето на МНТ.
Билетите се достапни онлајн и на билетарницата на Македонскиот народен театар.