МОН почнува јавна расправа за новиот Закон за високо образование

Министерството ќе ги посети универзитетите за директен дијалог со академската заедница

Министерството за образование и наука (МОН) од денеска започнува со посети на универзитетите низ земјава во рамки на јавната расправа за новиот Закон за високо образование. Процесот има за цел да обезбеди директен дијалог со академската заедница пред финализирањето на законското решение.

Како што најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, целта на посетите е да се слушнат сите забелешки, предлози и сугестии во однос на предлог-законот.

Од МОН информираат дека ќе се организираат средби на кои ќе можат да присуствуваат сите професори кои сакаат активно да учествуваат во јавната расправа. На состаноците ќе се дискутира за спорните членови од предлог-законот, со можност за аргументирана дебата и размена на ставови.

Според Јаневска, намерата на Министерството е процесот да биде транспарентен и инклузивен, со цел да се дојде до законско решение што ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високото образование и ќе ги земе предвид потребите на универзитетите, професорите и студентите.

Посетите ќе опфатат повеќе државни и приватни универзитети во земјата.

По завршувањето на јавната расправа се очекува финализирање на текстот на Законот за високо образование, по што истиот ќе биде доставен во собраниска процедура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни