Поранешниот претседател Доналд Трамп го повтори лажното и чудно тврдење дека имигрантите од Хаити во Спрингфилд, Охајо, ги краделе и јаделе домашните миленици на нивните соседи.
Ваквата изјава на Трамп беше испровоцирана од Харис која се потсмеваше дека неговите митинзи биле полни со фикции и маргинални теории, поради што присутните порани си заминувале од митинзите. Трамп го спомна јадењето на миленици, како негов обид да се врати на темата за имиграцијата.
„Многу градови не сакаат да зборуваат за тоа бидејќи се многу засрамени од тоа“, рече тој. „Во Спрингфилд, тие ги јадат кучињата. Луѓето што дојдоа, ги јадат мачките. Тие јадат – ги јадат милениците на луѓето што живеат таму“ повторуваше Трамп.
Трамп и неговиот кандидат за потпретседател, сенаторот Џеј-Ди Венс од Охајо, ја повторуваат оваа погрешна теорија изминатиот период. Таа произлегува од виралните објави на социјалните мрежи, кои ги шират поддржувачите на Трамп во обид да креираат страв од иселениците од Хаити, кои во САД престојуваат и работат легално.
Локалните власти не пронашле докази, веродостојни извештаи или конкретни тврдења дека миленичињата биле повредени од жителите на Хаити.
Кога Дејвид Муир, модератор на дебата, забележа дека Трамп нема докази за ваквите тврдења, тој рече дека информациите ги добил од луѓето на телевизија кои велат дека нивните миленичиња биле украдени и искористени за храна.
Неговата противкандидатка Харис само се смееше на ваквите тврдења на Трамп и рече дека токму поради ваквите негови ставови и изјави, таа има поддршка од над 200 републиканци.