Мојтаба Хамнеи е нов врховен лидер – дел од Иранците бараат тој да биде следната мета

Собранието на експерти го именуваше синот на убиениот Али Хаменеи за наследник. Трамп вели дека е „неприфатлив”, Израел се заканува дека ќе го таргетира.

Мојтаба Хаменеи, 56-годишен клерик и син на убиениот врховен лидер Ајатолах Али Хаменеи, е новиот врховен лидер на Иран. Собранието на експерти – 88-членото клерикално тело надлежно за изборот на врховниот лидер – го именуваше во неделата, откако неговиот татко загина во првиот ден од војната со САД.

Иранскиот јавен простор се расцепи уште пред официјалното именување. Државната телевизија прикажуваше про-режимски митинзи во Техеран, Ком и Мешхед – родниот град на новиот лидер. Присутните носеа фотографии на Мојтаба и неговиот татко и скандираа поддршка. „Патот ќе продолжи под негово водство”, изјави еден маж за Ројтерс.

Но BBC Персиски и BBC Верифај потврдија и видеа снимени истата ноќ во кои граѓани скандираат „Смрт на Мојтаба” – на исти улици, во исто време.

„Тој е осветољубив”, рече триесетгодишен жител на Техеран за BBC. „Го убија татко му и нема да пушти. Ако не може да им се одмазди на САД, ќе ни се одмазди нам, обичните луѓе.” Жена во дваесеттите предвиде дека ќе биде „уште поопресивен од татко му”. Друга во четириесеттите додаде дека пред изборот „сите скандираа против него”.

Мојтаба Хаменеи долги години оперираше зад кулисите – без јавна функција, но со огромно влијание. Американски дипломатски депеши објавени преку ВикиЛикс го опишуваа како „моќта зад мантијата” – „способен и цврст лидер” близок до Револуционерната гарда (ИРГЦ). Обвинуван е за мешање во претседателски избори и за командување на паравоената сила Баџ.

Трамп и Израел испратија директни предупредувања. Неколку часа пред официјалното именување, Трамп изјави дека без негова согласност кој и да преземе власт „нема да трае долго”. Израел се закани дека ќе „продолжи да го гони секој наследник”. До моментот на објавување, Мојтаба Хаменеи сè уште не направи јавен настап ниту изјава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни