Новиот врховен лидер на Иран, Мојтаба Хамнеи, се здобил со скршеница на стапалото и други полесни повреди уште во првиот ден од бомбардирањето што го започнаа САД и Израел, изјавил извор запознаен со ситуацијата за CNN.
Покрај повредата на стапалото, Хамнеи имал и модринка околу левото око, како и неколку полесни посекотини на лицето, тврди истиот извор.
Претходно, израелски извор изјави за CNN дека Хамнеи бил ранет во обид за атентат минатата недела, а гласините за неговите повреди кружат веќе неколку дена.
За повредите на иранскиот лидер претходно зборуваше и иранскиот амбасадор во Кипар, Алиреза Саларијан, кој за „Гардијан“ изјави дека Хамнеи бил ранет во нападот на 28 февруари во кој загинале шест членови на неговото семејство, меѓу кои и неговиот татко.
Тој наведе дека Хамнеи имал среќа што преживеал напад кој ја уништил резиденцијата на покојниот ајатолах.
„Слушнав дека бил ранет во нозете, како и во шаката и раката… Мислам дека е во болница бидејќи е повреден“, изјавил Саларијан.
Хамнеи досега не се појавил во јавност ниту се обратил откако ја презеде функцијата врховен лидер по смртта на својот татко, ајатолахот Али Хамнеи.
Во меѓувреме, иранските државни медиуми во голема мера користеле архивски снимки и фотографии од Мојтаба Хамнеи генерирани со вештачка интелигенција.
Синот на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, Јусеф, изјави дека слушнал дека Хамнеи е повреден, но додаде дека новиот врховен лидер е „безбеден и дека нема причина за загриженост“.