Новиот врховен лидер на Иран, Мојтаба Хамнеи, е „безбеден и е во добра состојба“, изјави синот на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, во време кога во јавноста се појавија информации дека тој е повреден.
Јусеф Пезешкијан напиша на Телеграф дека слушнал извештаи за наводна повреда на врховниот лидер, пренесува BBC.
„Прашав неколку пријатели кои имаат релевантни контакти и тие ми рекоа дека, фала му на Бога, тој е безбеден и нема никакви проблеми“, изјавил Јусеф Пезешкијан.
Овие изјави доаѓаат во период кога се поставуваат прашања за здравствената состојба и местото каде се наоѓа Хамнеи, кој не се појавил во јавноста откако пред три дена беше именуван за наследник на својот татко, ајатолахот Али Хамнеи.
Според „Њујорк тајмс“, помладиот Хамнеи бил повреден на почетокот на американско-израелските напади врз Иран. Весникот се повикува на три ирански и двајца израелски официјални лица кои побарале анонимност, пренесува „Гардијан“.
Претходно и BBC објави дека Хамнеи не издал никакво соопштение ниту се појавил во јавноста откако бил именуван за врховен лидер.
Ајатолахот Али Хамнеи, долгогодишниот врховен лидер на Иран, беше убиен на првиот ден од американско-израелските напади врз земјата, на 28 февруари.