Од бел хукс, Фром, другарите и другарките, менторите, книгите што сум ги прочитала и прегратките што сум ги добила научив дека дефинирањето, давањето и чувствувањето на љубовта мора да излезе од нормите на овој систем и да цели кон суштина. Периодов мислам на неколку работи како исклучително важни на тема љубов, што ги издвоив како потсетник дека нема ништо помоќно од чувствувањето, грижата и поддршката. Само таму ни е лекот за сè.
Љубов број 1: студентските протести во Србија кои прераснаа во општ граѓански бунт кој секојдневно ги поместува границите на заедништвото и солидарноста. Има едно видео во кое некаде на патот меѓу Белград и Нови Сад излегува еден дедо да ги поздрави сите кои пешачат. Толпата почнува да ракоплеска и да пее дека сите го сакаат. Од големата група излегува девојка, оди да го прегрне, потоа се враќа и сите заедно продолжуваат кон Нови Сад. Видеово го изгледав 360 пати и секогаш ме насолзуваше. Друга ситуација, повторно едно видео кое веројатно сите го знаат: хорска изведба на протестот во Нови Сад ми се чини, на YU Rock Misija – Za milion godina и безброј граѓани кои најгласно што можат пеат на рефренот. Го гледаш и нешто се буди во тебе, не може да не те наежи, каква величественост! Секој акт на поддршка на младите кои се движеа пешки од Белград до Нови Сад, секоја солза и радост, тој пречек како ослободители на земјата и многу повеќе од тоа е апсолутно причина да се верува во нешто чисто и искрено.Многу директно потсетува дека димензиите на љубовта одат подалеку од романтичните односи и ова што се случува во Србија е неверојатно. Во општата осаменост и апатија се појави силен зрак и живна Балканот!
Љубов број 2: другарите и другарките што континуирано ме учат на сите прекрасни аспекти на љубовта кои излегуваат од рамките на романтичен однос, на неверојатната исполнетост од таа грижа, посветеност и храброст која доаѓа со одлуката да се грижиш за некој и да бидеш тука за него како пријател. Да се излезе од традиционалните рамки на односите и да се види колку сме исполнети и без партнери, колку е важно нашето чувствување и односот кон сè околу нас како околината, грижата за себе и грижата за секој друг кој можеби само проаѓа низ нашиот живот. Трансформативната улога на љубовта најмногу ја запознав токму преку разгледување на сите нејзини различни дефиниции, навидум нетипични односи и комуникација која не само што може туку и менува односи, светови и процеси. Никогаш нема да се сомневам дека тоа може да го прави.
Љубов број 3: редовното пишување и просторот за мене тука како млад човек и авторка. Континуирано се борам со чувството дека тоа што го правам не е доволно добро, наспроти тој незапирлив поттик да седнам пред компјутерот и долго, долго да пишувам. Помеѓу сите страници и коментарите што ми значеле се заљубувам одново и одново во секој коментар од луѓето кои се близу моја генерација, кои имаат потреба гласот на младиот човек да се слуша повеќе. Потребно ми е и мене, потребна ни е на сите таа врска што ќе почне да нè поврзува повеќе од порано, за да нè однесе на убави места во иднина. За да можеме да го прошириме ова што ни изгледа навидум мало и да стане нешто поголемо и поважно.
Љубов број 4: бунтот против стравот од романтично поврзување. Како многу други луѓе, особено по пандемијата, го поминувам тој момент на страв од ранливост и поврзување од некој нов аспект на возрасен и можеби исплашен човек кој мисли да се заштити себе. Гледајќи ги овие нешта споменати погоре и борејќи се долго и комплицирано, се гледам како полека попуштам и си дозволувам да ја разберам љубовта како природно право, како нешто кое не можам да го избегнам и врз кое колку и да сакам немам контрола. Ох, колку сакам да ја имам! Во сите можни перспективи на сакањето, кои ги имам истакнато преку односот со заедницата и блиските, овој февруари си мислам дека е фер и редно да си дозволам себе препуштање кон романтична љубов и можноста да се случи во иднина. Односно, да не се плашам да ја дадам, дури и ако нема повратен одговор. Нешто и некако ќе остане во воздухот и од тоа нема да сум иста. И покрај стравот, вреди да се искуси ова поради таа природа да собираме искуства кои засекогаш нè менуваат и нè прават подобри веројатно.
Љубов број 5: идејата дека граѓанска мобилизација е можна и дека повторно ќе ни се случи. Интензивно мислам на ова. Некогаш надежна, некогаш воопшто, си дозволувам да размислувам за историјата на активизмот кој веќе го имавме и за тоа како во иднина граѓанските движења ќе се артикулираат. Кружењето околу оваа идеја и желбата да се надевам во неа ме држи и движи месецов, а мислам дека е вредна и за поширока дискусија која веќе почнува да се одвива. Има овде добри и храбри луѓе кои се полни со идеи и ентузијазам сè уште, има простор кој ќе учиме одново како да го исполниме и искористиме за да се избориме за нас. Има и празен простор во кој се мешаат негативни чувства и реалноста која потсетува дека нема многу избори освен оние кои ние ќе ги направиме. Можеби звучам многу идеалистички и наивно, ама воопшто не ме плаши тоа, ниту ме загрижува веќе. Наспроти сивилото што нè опкружува, тоа ми е единствен начин во оваа средина да дадам некаква љубов и тоа да има смисла, затоа што не сакам да спакувам куфер.
Не престанувам да сакам дури и кога тоа носи голем ризик. Пет љубови за овој февруари и за цела година, за секој момент кога чувствувам(е) губење на рамнотежата.