Мохамед Хамдан Дагало е трговецот со камили што стана господар на војната и го сруши Судан

Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемети, денес е највлијателната личност во Судан — човек кој од скромен трговец со камили се издигна до лидер на паравоените Сили за брза поддршка (RSF), што денес контролираат речиси половина од земјата.

Со неодамнешното освојување на градот Ал-Фашир, последното упориште на суданската армија во Дарфур, RSF постигна стратешка победа и ја зацврсти доминацијата на Хемети. Неговите следбеници го слават како решителен лидер кој ветува крај на корумпираната власт, додека противниците го сметаат за господар на животот и смртта, човек кој своето царство го изградил врз крв.

Хемети потекнува од племето Ризеигат, а како тинејџер го напуштил училиштето и почнал да тргува со камили меѓу Судан, Либија и Египет. Во 2000-тите, се приклучил на озлогласените Џањавиди, вооружени арапски милиции што извршуваа злосторства врз локалното население во Дарфур — села беа палатени, цивили масакрирани, а ООН овие настани ги опишаа како геноцид.

Иако тогаш бил сметан за спореден играч, Хемети брзо се издигнал во хиерархијата. Откако побарал поголеми плати и политичка моќ, тогашниот претседател Омар ал-Башир ги прифатил неговите услови, му дозволил да ја формира RSF и да ја стави под директна команда на претседателот.

Со текот на годините, Хемети создаде паравојна империја и деловно царство. Контролира рудници за злато преку компанијата Al-Gunaid, а воспостави блиски врски со Обединетите Арапски Емирати и групата Вагнер од Русија.

Во 2019 година, токму Хемети ја одигра клучната улога во падот на Башир, но веднаш потоа RSF изврши масакр врз демонстранти во Картум, убивајќи стотици. Во 2021 година, заедно со генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, изведоа државен удар, но нивниот сојуз се распадна — и Судан западна во отворена војна.

Според податоците на ОН, во тековниот конфликт се убиени до 15.000 цивили, а RSF е обвинета за геноцид и систематски злосторства против народот Масалит во Дарфур. Паралелно, единиците на Хемети се обвинуваат за пљачки, силувања и уништување болници низ целата земја.

И покрај обвинувањата, Хемети денес се обидува да се претстави како политички лидер и реформатор. Во меѓувреме, Судан останува поделен, уништен од војна и глад, а човекот кој одгледувал камили сега владее над половина држава — царство изградено врз крв и страв.

Извор:b92.net

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни