Могерини си даде оставка од ректорската функција

По спроведената истрага, поранешната еврокомесарка Федерика Могерини поднесе оставка од функцијата ректорка на Колеџот на Европа

По спроведената истрага, поранешната еврокомесарка Федерика Могерини поднесе оставка од функцијата ректорка на Колеџот на Европа, откако влезе под лупа на Европското јавно обвинителство во истрагата за наводна измама и корупција поврзана со Дипломатската академија на ЕУ. Со ова, човекот кој години беше едно од најпрепознатливите лица на европската надворешна политика се повлекува од престижната академска функција во момент кога случајот прераснува во сериозен тест за угледот на европските институции.

Во писмото до Колеџот на Европа – упатено до вработените, студентите и алумните – Могерини навела дека одлуката ја донела „во согласност со највисоките стандарди на строгост и правичност“ со кои, како што нагласи, секогаш ги извршувала своите должности. Таа истакнува дека не сака личната истрага да фрла сенка врз колеџот и програмите за обука на идните европски дипломати.

Истрагата, што ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), се однесува на тендерската постапка од 2021 и 2022 година преку која Колеџот на Европа доби деветмесечна програма за обука – Дипломатската академија на ЕУ. Обвинителството сомничи измама во јавни набавки, корупција, судир на интереси и кршење професионална тајна, односно можност Колеџот или негови претставници однапред да добиле доверливи критериуми за избор, со што би била нарушена фер конкуренцијата.

Покрај Могерини, под истрага се и уште две лица – меѓу нив искусниот дипломат Стефано Санино, поранешен генерален секретар на Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) и моментален висок функционер во Европската комисија. Тој уште вчера најави дека ќе се пензионира на крајот на декември, непосредно по обелоденувањето на истрагата и рациите во канцелариите на ЕЕАС и Колеџот на Европа во Бриж.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни