Модринките на кожата, кои најчесто се појавуваат во сини, виолетови или кафени нијанси, настануваат кога ситните крвни садови под површината на кожата пукаат, а крвта се излева во околното ткиво. Иако во најголем број случаи тие се безопасни и дел од секојдневието, нивната зачестеност и начинот на појава понекогаш може да бидат сигнал дека организмот не добива доволно одредени витамини, пренесуваат здравствени експерти.
Според париската натуропатка Лиди Палмири, која за Vogue зборувала за оваа појава, ненадејното и често појавување модринки може да биде знак за посериозен недостаток на витамин Ц. Овој витамин е силен антиоксиданс со клучна улога во здравјето на кожата, коските и сврзното ткиво, го поттикнува заздравувањето и му помага на телото подобро да го апсорбира железото. Се наоѓа во свежо овошје и зеленчук, како брокула, кељ, прокељ, јагоди, гуава и агруми, но човечкиот организам не може сам да го произведе, ниту долгорочно да го складира, поради што е неопходен негов секојдневен внес преку исхраната.
Препорачаната дневна доза изнесува околу 75 милиграми за жени и 90 милиграми за мажи, а најдобро е витаминот Ц да се внесува преку свежи намирници, бидејќи термичката обработка, замрзнувањето или конзервирањето значително ја намалуваат неговата концентрација. Во случаи кога исхраната не е доволна, можат да се користат и додатоци во исхраната, но експертите советуваат внимателност и да не се надминува дневен внес од 2000 милиграми.
Иако недостатокот на витамин Ц денес се смета за поредок во развиените земји, тој сè уште се јавува, најчесто како последица на неурамнотежена и сиромашна исхрана. Сепак, овој витамин не е единствениот можен причинител. Како што објаснува д-р Хауард Е. Левин од Harvard Health Publishing, иако скорбутот предизвикан од дефицит на витамин Ц е најпознатиот пример за лесно создавање модринки, ваквата појава може да биде и манифестација на недостаток на цинк или витамини од Б-комплексот.
Дополнително, лесното појавување модринки може да биде поврзано и со употреба на лекови за разредување на крвта, стареење на кожата или користење кортикостероиди. Кај потежок недостаток на витамин Ц можат да се појават и други симптоми, како крвавење на непцата, хроничен замор, сува и безживотна кожа, чести инфекции, необично завиткување на влакната или ситни црвени точки околу фоликулите на косата.
Доколку забележувате дека модринките се појавуваат често, без јасна причина или се придружени со други симптоми, лекарите советуваат да не се носат заклучоци на своја рака. Консултацијата со лекар и соодветните анализи се најсигурниот начин да се утврди дали станува збор за недостаток на витамини или за друг здравствен проблем.