На прашањето што претставувале овие декорации, кустосот Јасминка Намичева одговори: „Најчесто ги користеле како фасадна декорација со преслик на класицистички елементи , која била одлика на академистичниот стил на градби . Во Скопје се користеле во поскромен формат и репертоар, за разлика од Битола“.
За кој период е карактеристична оваа орнаментика и кои архитекти ја употребувале?
Јасминка: Секако се користат од крајот на 19 век кога почнуваа деотоманизацијата и продорот на проевропското влијание во архитектонската слика на градот, која дефинитивно се напушта како архитектонски израз, некаде до крајот на 20 тите години од 20тиот век. Сепак, богатството на репертоарот на застапени елементи бил поврзан со вкусот на самиот нарачател, но и неговата економска моќ, особено во тој период меѓу дваесетите и триесетите години.
Во периодот меѓу двете светски војни во Скопје, архитектите кои имале архитектонска и градежна пракса, најчесто биле едуцирани на академистичните школи во Белград и Петроград, со што биле обучени да ги користат како свој архитектонски израз класицистичките декоративни елементи“
За жал, со земјотресот од 1963год, најголемиот дел од продукцијата на овој вид објекти бил урнат, заради што денес воглавно во централното градско јадро и Дебар маало, имавме малку на увид за фотографирање од тие објекти. Ова архитектонско наследство не го деградирало и уништило само земјотресот, туку она што е пострашно е континуираната негрижа за овие објекти кои секојдневно пропаѓаат. Таков беше неодамнешниот пример со уривањето на објектот на улица Караманов кој всушност беше проект на рускиот архитект Вјечеслав Бујко, а воедно и негов семеен дом но и деловен прстор за неговото архитектонско студио. Иако конструкцијата на објектот беше во добра состојба, тој беше урнат.
Објектот каде денес е сместен Пионерскиот дом „Карпош“, Ристиќева палата, Палатите на Настеви и Икономови, неколку објекти по улицата „Илинденска“ се од тие порепрезентативни објекти, кои се градени по проекти од домашни скопски архитекти. За оние пак објекти градени од крајот на 19 век, релевантни податоци за нивните автори архитекти не поседуваме. Отоманската банка која била веднаш од десната страна на Камениот мост е еден таков пример, бидејќи и за неа немаме податок кој архитект е автор на проектот.
Палатата на Шкаперда е исто така пример каде се употребуваат фасадни орнаменти, но, не станува збор за чист преслик на класицистички елементи, податокот дека романски архитект го има работено тој проект, го потврдува и присуството на друг вид на влијание.
Необичен е и проектот на палатата на Дикиџијан позната како „Арапска куќа“ која иако е проект работен од акдемистички едуциран архитект од Петроград, Иван Артемушкин, сепак претставува еден невообичаен архитектонски експеримент со ориентално влијание, кое секако се должело на желбата и вкусот на нарачателот, наспроти стилската определба на авторот.
Веќе во почетокот на 30тите години, архитектите при проектирањето ги усвојуваат принципите на модерниот функционализам, со што сосема е отфрлена декоративната орнаментика на фасадните решенија, и се застапени чисти форми при креирањето на фасадните платна.
Следејќи го развојот на архитектурата во Скопје од почетокот на 20. век може да се заклучи дека била развиена и стилски различна и ги следела тековите на современите архитектонски движења.
Кои архитекти работеле во тоа време применувајќи фасадна орнаментика и декор?
„Во периодот од 1918-1941год. во Скопје работеле неколкумина овластени архитекти и градежни инженери, од кои како завршени дипломци од белградската висока школа за архитектура уште во 1914 год. се вратиле во Скопје, Глигорије Томиќ и Јосиф Михајловиќ, потоа во периодот по 1918-значаен дел од профаните објекти се потпишани од Рудолф Вошта, додека со доаѓањето на руските архитекти по 1920 год. овластени градежни бироа отвораат Борис Дутов, Бујко Вјечеслав, Иван Артемушкин, како и домашните Кирило ХаџиНаковиќ, Краус Фердо, Божидар Нешовиќ, додека веќе од почетокот на 1930ти год. активни проектанти се и Ѓорѓе Ристиќ, Газикаловиќ Стефан, Протиќ Бранислав, Шулентиќ Паја, Ташковиќ Глигорије и Жерновски Кирил“, појаснува Јасминка.
Има ли мода во архитектурата?
Сите овие архитекти и градежни инженери следејки ги современите изразни правци во архитектонското проектирање, кои на некој начин претставуваат своевидна „мода“ односно актуелност во одреден временски период во архитектурата , создале мноштво исклучителни архитектонски решенија во Скопје, кои за жал најголемиот број биле урнати со земјотресот од 1963год. Така, историјата на архитектонското творештво во Скопје, за жал можеме да ја следиме воглавно од малку преостанатите објекти, од архивските архитектонски проекти и од малкуте фотографии.
Духот на еклектиката во периодот на дваесетите и триесетите години бил доста присутен. Формирани се урбани квартови на Илинденска, на Максим Горки, во Буњаковец како и на многу други семејни куќи, каде што биле присутни вегетабилни фасадни декорации како и обработени фасади украсени со гирланди под прозорците, венци и астрагали.
Фотограф: Драгана Басекиќ