Модната куќа Прада го купува ривалот Версаче за 1,25 милијарди евра

Овој договор претставува исклучок од трендот во последниве години, кога големите имиња на италијанската мода како Гучи, Фенди и Ботега Венета преминаа во рацете на француски конкуренти.

Италијанската модна куќа Прада објави дека постигнала „дефинитивен договор“ со американската група Capri Holdings за преземање на 100% од познатиот бренд Версаче, за сума од 1,25 милијарди евра.

Со спојувањето на двата светски познати модни брендови, ќе се создаде италијанска луксузна група со годишен промет од повеќе од шест милијарди евра, што ќе ѝ овозможи да се натпреварува со индустриски гиганти како LVMH и Kering.

„Ни претставува задоволство да му посакаме добредојде на Версаче во Прада Групацијата и заедно да изградиме ново поглавје за брендот со кој споделуваме силна посветеност на креативноста, занаетчиството и наследството“, изјави претседателот и извршен директор Патрицио Бертели.

Овој договор претставува исклучок од трендот во последниве години, кога големите имиња на италијанската мода како Гучи, Фенди и Ботега Венета преминаа во рацете на француски конкуренти.

Capri Holdings, кој го купи Версаче во 2018 година за 1,83 милијарди евра, мораше да прифати значителен попуст поради економската криза на пазарот на луксузни производи и порастот на американските царини.

Во тоа време, модната куќа беше 80% во сопственост на семејството Версаче, а 20% на американскиот фонд БлекРок (BlackRock).

По неколку недели интензивни преговори, Прада реши да ја преземе акцијата, и покрај турбуленциите на пазарот предизвикани од најавените зголемени царини од страна на претседателот Доналд Трамп.

Овој договор се очекува да биде целосно финализиран во втората половина на 2025 година.

Модната куќа Версаче, основана во 1978 година од дизајнерот Џани Версаче и неговиот брат Санто, стана светски позната по своите гламурозни креации за џет-сет елитата.

Донатела Версаче, која ја презеде креативната насока на модната куќа по убиството на нејзиниот брат Џани во 1997 година, се повлече на 1 април 2025 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни