Модната ревија, со наслов „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“, ќе претстави креации изработени од 60 девојки и жени од Битола, Скопје, Куманово и Струмица. Тие поминаа седуммесечна обука за шиење, плетење, везење и ткаење, со цел да ги оживеат и модернизираат старите македонски занаети. Обуката беше спроведена под менторство на реномираната модна дизајнерка Ирина Тошева и други локални експерти.
„Овој настан не е само модна ревија, тоа е прослава на традицијата и женската иновативност,“ истакнуваат организаторите. Креациите на овие талентирани жени ќе бидат презентирани од истакнати личности од дипломатскиот кор и јавниот живот, кои преку своето учество ќе ги поддржат дизајнерките во нивниот пат кон успешна кариера.
Овој проект се реализира како дел од иницијативата „Поттикнување на иновативноста и креативноста на жените на пазарот“, поддржан од Амбасадата на Словенија и имплементиран од Здружението „Добредојде“.