Модна ревија за славење на македонската традиција и женската креативност вечерва во Скопје

Вечерва, на 25 октомври, со почеток во 21 часот, ќе се одржи уникатна модна ревија во „Лабораториум“ како дел од Модниот викенд Скопје. Овој настан не е само модна презентација, туку прослава на македонската традиција, занаетчиството и зајакнувањето на жените.

Модната ревија, со наслов „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“, ќе претстави креации изработени од 60 девојки и жени од Битола, Скопје, Куманово и Струмица. Тие поминаа седуммесечна обука за шиење, плетење, везење и ткаење, со цел да ги оживеат и модернизираат старите македонски занаети. Обуката беше спроведена под менторство на реномираната модна дизајнерка Ирина Тошева и други локални експерти.

„Овој настан не е само модна ревија, тоа е прослава на традицијата и женската иновативност,“ истакнуваат организаторите. Креациите на овие талентирани жени ќе бидат презентирани од истакнати личности од дипломатскиот кор и јавниот живот, кои преку своето учество ќе ги поддржат дизајнерките во нивниот пат кон успешна кариера.

Овој проект се реализира како дел од иницијативата „Поттикнување на иновативноста и креативноста на жените на пазарот“, поддржан од Амбасадата на Словенија и имплементиран од Здружението „Добредојде“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни