„Модерне везе“ на Буч Кесиди – звукот на генерацијата што не се плаши да биде своја

Буч Кесиди се повеќе од бенд, тие се феномен. Феномен на звук, слика, збор и чувство, совршено спакуван во атмосфера што се препознава уште со првата нота. Додека многумина во регионот се обидуваат да најдат свое место во современата музичка сцена, Буч Кесиди веќе одамна го имаат своето – и секој нивен нов чекор само го зацврстува тоа. По „Еуфорија“, албум кој мистично ја бои младоста, стигнува „Модерне везе“ – посериозен, подлабок и похрабар. Ова е емоционален дневник на генерација што ја живее љубовта во нејзината најсурова форма – без филтри, без маски, без идеализирање. Овој пат нема „џускање“ и симболизам – има само искреност. Оваа рецензија од Миа Милошеска, музичка критичарка, доаѓа ексклузивно пред промоцијата на новиот албум „Модерне везе“, најавена за 4 април 2025. Дали Буч Кесиди направија нов класик? На прво слушање, можеби нема хит што веднаш ти се врежува во глава – но има нешто многу поважно: музика што ти останува во душа.

Буч Кесиди е најквалитетниот и најсериозен бенд во регионот во моментов од аспект на аудио – визуелно претставување. Секој збор, текст, фотографија, видео – спот, како и детал од нивните настапи во живо е синхронизиран и составен од, за публиката, веќе препознатливи Буч Кесиди заштитни знаци.

Да бидеме реални, во регионот нема ниту еден бенд кој има естетика не само конзистентна, туку и естетика која парира, кога се овие атрибути во прашање, на бендовите од времето кога музиката во овој регион била многу поквалитетна и многу социолошки повлијателна од денес.

Па така, верувам дека предизвикот на Лука и Зоран, веќе поставените стандарди да бидат задржани и во нивниот нов проект, а се разбира тука да има и одреден уметнички и комерцијален прогрес, бил голем.

Слушајќи го овој албум, првиот впечаток е дека успеале во намерата.

Во ера на промовирање на само – спознавање и експериментирање, со нивниот трет, долгоочекуван студиски албум насловен ,,Модерне везе”, Буч Кесиди го прават токму спротивното – остануваат конзистентни на самите себеси.

За правите љубители на музика, тоа е крајно возбудливо. Кога патувањето е доволно добро и интересно, ниту еден патник не сака патувањето да заврши.

Нивниот втор студиски албум ,,Еуфорија” беше мистичен. Токму тоа ја заинтригира публиката и го популаризира овој “лево – раки електро поп – рок/ инди – рок бенд”, како што самите се нарекуваат.

Мистиката е комплицирана – во ,,Еуфорија” беа проткаени многу симболи, архетипи, сликовити текстови кои ја пресликуваа младоста и тоа што значи да си млад човек во ова модерно општество.

Музички гледано пак, мистиката е проста – во ,,Еуфорија’’ повеќето нумери и нивната продукција беа репетитивни, химнични, главно основани на зависни гитарски рифови.

,,Модерне везе” е брутално искрен. И токму тоа е нишката на овој албум што ќе ја заджи нивната публика.

Бруталноста е проста – во овој албум доминира искреноста во текстовите; нема симболизам, нема ,,џускање”, нема алтернативен снобизам и идеализирање, има искрен разговор помеѓу нараторот и неговиот љубовен фокус, или пак нараторот со самиот себеси.

Oвој пат, музички гледано, бруталноста е комплицирана и влече емоции различни од оние од претходниот албум, со многу повисоко и посериозно продукциско ниво кое не се основа на зависност од прво слушање, туку на симфонија од различни звуци на кои вреди да се фокусираш и да ги анализираш. Во овој случај, промената на фокусот од акцентираната инди – рок гитара на акцентиран сајзер и музички мотиви од 80тите е само еден продукциски додаток кој го прави овој албум очигледно и следно уметничко ниво на овој бенд, а ултимативно и многу покохерентен и поквалитетен од музички и продукциски аспект, благодарение на музичката зрелост на дуото, но и на а Милан Бјелица, како продуцент и аранжер и Петар Пупиќ како аранжер и клавијатурист на овој албум.

Албумот ,,Модерне везе’’ не е близнак на ,,Еуфорија” (иако звучно, несрамежливо се појавуваат многу од истите музички мотиви). Не е ни негов ,,помал брат’’, туку е постариот, позрел брат кој повеќе не живее во заблуда во која ја романтизира младоста, туку живее во моментот и се снаоѓа со нејзините пропратни потешкотии и перипетии. Тагата овој пат не е маскирана во младалачка, игнорантна еуфорија.

,,Еуфорија” беше ода за младоста и неискуството и влијанието кое тие го имаат врз љубовта.

,,Модерне везе” е ода за љубовта и влијанието кое таа го има врз веќе искусната и оформена индивидуа.

Нема ,,планирам да се фолирам, да играм иако ништа не осеќам”… бидејќи е сабота навечер, јас сум млад, а ноќта уште помлада.

Има ,,aлкохол у венама је добра поддршка, самопоуздање можеш да исфолираш”… бидејќи знаеш дека не треба да се каеш и да се враќаш назад кај онаа која нема да остане покрај тебе кога ти животот е тежок.

Албумот започнува со истоимената ,,Модерне везе”, која е основана на гитарски риф налик “The Strokes’’, a eскалира со synth и електронски елементи налик оние на новите, експериментални ,,Coldplay”, кои се прилично интересна новина за Буч Кесиди како бенд. Рефренот на песната, ,,Доволно се знамо, не мрзимо се стварно” е доволно дрзок и впечатлив за да те привлече да дознаеш што следува во следните 10 песни.

,,Тужне љубави”, која според мене е најдобро аранжираната и носечка песна на овој албум, го претставува сето она што го добивме во албумот ,,Еуфорија”, со заразлив електро – поп додаток како оној кој доминирал во 80тите на сите радио станици, од артисти како Kim Wilde и Alphaville. Убав е фактот што на овие простори има бенд кој има изградено толку препознатлив звук, да кога некој ќе ја слушне оваа песна, може да каже – ,,Е, ова е Буч Кесиди”.

,,Пусти да гори” асоцира на некоја од подобрите песни на Kings of Leon – од изведбата на класична Kings of Leon eлектрична гитара и нејзиниот дијалог со вокалот, до загушените eкстатични пратечки вокали.

,,Сузе у очима” е ,,мезанин” и евидентен продолжеток на ,,Идемо до ходника’’, а можеби и на срцепарателната и за мене омилена песна на овој бенд – ,,Тихо”, со паралели во текстот како ,,Иако те волим, морам да идем”.

Можеби после првото слушање нема ултимативен хит како ,,Нема љубави у клубу” (верувам најмногу бидејќи Буч Кесиди како бенд тоа го имаат надраснато) што ти останува во глава. Но, има чувство и одредена тежина што ти останува во душа. Тоа кажува дека Буч Кесиди е бенд кој има изградено сопствен уникатен звук кој не потпаѓа нa секојдневните трендови, туку нивниот звук е, едноставно – звукот на Буч Кесиди. Буч Кесиди не пробуваат да глумат ,,мачо мажи”,  ниту пак пробуваат да остават впечаток на бестрашни, недопирливи ѕвезди – но има нешто бестрашно и недопирливо во тоа да немаш страв да бидеш самиот себеси.

 ,,Модерне везе” е дефинитивно новото музичко поглавје на Буч Кесиди, очигледно и евидентно реализирано на едно повисоко музичко ниво кое ем успешно го задржува ДНК – то на еден од најдобрите бендови на (баш се радувам што можам да го кажам ова) – мојата генерација, eм ја има ретката моќ да допре до сите генерации, па дури и до оние кои ја имале честа да живеат во ерата на бендови како ЕКВ, Идоли, Хаустор и слично.

Евидентно е дека Буч Кесиди се и ќе останат бенд на сите генерации.

Автор на текст: Миа Милошеска

Автор на фотографии: Лука Трајковиќ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни