Мода што трае: Моден викенд Скопје го отвори изданието со приказни за одржливост

Под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција“, 31. Моден викенд Скопје започна со креативни работилници и иницијативи што го претвораат концептот на одржливост во вистинско искуство.

Скопје повторно го оживува пулсот на модата. Со своето 31-во издание, Моден викенд Скопје (FWSK) – најзначајната модна платформа во земјата, ја отвори новата сезона под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“, претставувајќи настани што ја поврзуваат уметноста, занаетот и одговорната креативност.

Во време кога глобалната индустрија зборува за рециклирање и повторна употреба, FWSK powered by UNIBank го претвора зборот одржливост во пракса, покажувајќи дека модата има моќ не само да инспирира, туку и да едуцира и трансформира.

Од „старо“ до уникатно: работилницата на Ирина Тошева и „Ништо ново“

Првиот ден, модната приказна започна во Центарот за поправки „Ништо ново“, каде што Ирина Тошева ја водеше работилницата „Од стара облека до уникатен моден додаток“.Под нејзино менторство, учесниците ги претвораа заборавените парчиња ткаенина во нови модни изрази – ташни, обетки и детали што носат лична енергија и потпис.

Тошева, позната по својата етичка и одговорна естетика, уште еднаш потсети дека модата не е само дизајн, туку и процес на грижа, љубопитност и повторно вреднување на материјалот. Работилницата ја спои креативноста со одговорноста, покажувајќи дека секое парче има своја приказна и дека вистинскиот луксуз лежи во вниманието што го вложуваме во него.

„Нишки од природата“: кога занаетот станува современа уметност

Вториот ден, вниманието се префрли во Македонско Етно Село, каде што Изабела Соколовска, креаторка и менаџерка на социјалното претпријатие Еснаф Хендмејд, ја водеше интерактивната работилница „Нишки од природата“, поддржана од Green Land Group.

Во атмосфера што ги спојуваше природата, традицијата и современиот дизајн, младите учесници работеа со растението јука (Jukka), експериментирајќи со неговите влакна и природната боја како алтернатива на индустриските текстилни материјали. Процесот опфати рачна обработка, извлекување влакна и бојадисување со природни пигменти, со што секој учесник создаде свој фрагмент на одржлив текстил инспириран од природата.

Како дел од иницијативата „Мода и занаети: FWSK“, студентите и професорите од International Balkan University (IBU), во соработка со Еснаф, создадоа рачно ткаен тепих во големи размери, користејќи техника на ткаење со јамки – метод што ја слави тактилноста, повторливиот ритам и поетиката на рачната работа. Тепихот ќе биде изложен во рамки на поставката Fashion & Craftsmanship и симболично ја обединува идејата за заедничко создавање – мост меѓу традицијата и современиот дизајн.

Одржливост, едукација и младински дух

Во рамки на првите два дена, учесниците имаа можност да се сретнат и со тимот на UNIBank, генералниот партнер на Fashion Weekend Skopje, кој ги претстави можностите на UniQ пакетот за млади – иницијатива што ја поттикнува финансиската писменост, самостојноста и креативниот дух на новата генерација.

Со тоа, FWSK уште еднаш ја потврди својата мисија да биде повеќе од модна платформа – место каде што се среќаваат идеите, образованието и економијата на иднината.

Овие две работилници го отворија FWSK31 како лабораторија на идеи, покажувајќи дека одржливоста не е само материјален избор, туку начин на размислување – каде секој конец, секој детал и секој допир се дел од поширока приказна за грижа, иновација и култура.

Настаните се реализираат во рамки на проектот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“, поддржан од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни