Изложбата „MASKAS“ во рамки на Fashion Weekend Skopje го привлече вниманието како врвна уметничка симбиоза меѓу македонскиот тим Warm Metal и британскиот креативец Хуго Виндер-Линд. Оваа колаборација, поддржана од British Council North Macedonia покажа како уметноста може да биде авангардна, но истовремено и естетски допадлива, препознавајќи ги традициите, но поставувајќи ги во модерен контекст.
MASKAS е уметничка Изложба од Warm Metal и Хуго Виндер-Линд и на модниот Викенд Скопје го претставува креативниот дијалог меѓу двајца различни, но подеднакво инспиративни уметници—Warm Metal (МК) и Хуго Виндер-Линд (ВК)—во рамките на изложбата поддржана од Британскиот совет.
Warm Metal е моден бренд основан од Теодора Митровска, македонска дизајнерка која живее и работи во Лондон. Со својот концептуален пристап, Митровска ги руши границите на конвенционалната мода, создавајќи уникатни парчиња што ја рефлектираат нејзината желба да ги истражува личните и социо-политичките теми. Warm Metal функционира како комерцијален бренд, но неговата суштина лежи во креативниот израз, ослободен од ограничувањата на сезонските трендови и индустриските стандарди.
-Јас сум учествувала на Модниот Викенд Скопје со класични ревии и овој пат кога ја добив поканата сакав да биде нешто што малку ќе се отргне од модата и ќе се фокусира можеби повеќе на некоја визуелно- концептуална уметност. Затоа ова не е онаа класична мода, но идејата на Хуго, кој што е втората половина од изложбата беше да бидат маски, така што сепак се враќаме на нешто што е носиво. Бидејќи поканата беше од British Counsel и идејата беше да има размена на култури, некако ни беше интересна темата на нетолеранција помеѓу култури, можеби нецелосно разбирање на културите и баш она сакавме да се натераме да го рекреираме тоа, со тоа што ќе си дадеме референции, визуелни референции, без никакви други информации за тоа што значат, од каде потекнуваат, значи таков контекст немавме. Мојот дел ме носи на еден пат мисловен што го имав и некако решив да самата себе да се референсирам во мојот дел на изложбата – вели за Трн, Теодора Митровска, основач на Warm Мetal.
Оваа изложба претставува уникатен културен експеримент во кој двајцата уметници – Македонка и Британец – ги претставуваат своите култури низ призмата на другиот. Како појдовна точка, секој од уметниците го снабдува другиот со визуелен материјал изваден од поширокиот социо-политички контекст на сопствената култура. Неминовно е инспирацијата на двете страни да биде површна и не-поткрепена со подлабоко разбирање на културолошкиот контекст на другиот. При ова уметниците намерно се впуштаат во погрешно или површно толкување на елементи од туѓата култура и се принудени да искреираат дела кои се културолошки “неинформирани”. Овој експеримент е иронична метафора за предрасудите и погрешните сфаќања кои често се јавуваат помеѓу различни култури.
-Скоро е како социјален експеримент и начин како јас ги гледам различните култури, каква интеракција имам со слики и како јас перципирам некои работи, како ги перципира мојот мозок. Преку овој проект јас некако се заљубив во нештата што сам ги ослмислив. Само ги погледнав сликите кои што по некое време сами си направија свој стил на живот кој што не беше многу реален. И тогаш всушност, методички ги преобразував овие идеи во реалност. Но кога дојдов тука всушност се се смени, кога всушност видов што сум правел и што сум гледал. Неверојатно е – вели Хуго Виндер-Линд за Трн.
Хуго Виндер-Линд, роден во 1992 година и сместен во Брајтон, Обединетото Кралство, ја наоѓа својата инспирација во дивите и ненаселени предели на рурална Англија. Во својата уметност тој ги истражува границите помеѓу природата и цивилизацијата преку сликарство, скулптура, фотографија и литература. Виндер-Линд се оддалечува од хуманистичкиот поглед, истражувајќи како материјалниот свет може да ја одразува човечката историја и идентитет, притоа спојувајќи традицијата, науката и фолклорот во една кохерентна уметничка нарација.
Фото- Fashion Weekend Skopje