Моби по 15 години повторно се враќа во Белград каде последен пат настапуваше со Ејми Вајнхаус

По цели петнаесет години, легендарниот Моби повторно се враќа на Калемегдан.

На 21 јули 2026 година, пионирот на електронската музика ќе настапи со нов, целосно редизајниран live спектакл, што веќе се најавува како еден од најзначајните музички настани во регионот следната година. Продажбата на билети започнува на 20 ноември точно во 11 часот, преку онлајн платформата Efinity.rs и на официјалните продажни места.

Познат по својот смел и иновативен спој на електроника, амбиент, хаус, трип-хоп и алтернативен рок, Моби повеќе од три децении ја обликува светската музичка сцена, претворајќи ја интимната интроспекција во глобални химни. Неговиот легендарен албум „Play“ од 1999 година, продаден во над 12 милиони примероци, и денес важи за едно од највлијателните изданија во историјата на електронската музика, со безвременските хитови „Porcelain“, „Natural Blues“ и „Why Does My Heart Feel So Bad?“. Како прв уметник кој ги лиценцираше сите песни од еден албум за филмови, серии и реклами, Моби создаде нов модел на музичка присутност. Во текот на кариерата продаде над 20 милиони албуми, освои награди како MTV Video Music Awards и Billboard Music Awards и беше номиниран за Grammy. Неговите соработки со имиња како Дејвид Боуви, Public Enemy, Ози Озборн, The Beastie Boys и Daft Punk, како и неговите ремикси, го втемелуваат како вистинска историска фигура на електронската музика чиј влијание одамна ги надминало сите жанровски граници.

Но оваа најавa носи и многу подлабока емоционална тежина. Настанот на кој Моби последен пат беше дел од белградската сцена во 2011 година остана трајно запаметен – не поради неговиот настап, туку поради трагичниот последен концерт на Ејми Вајнхаус. Многумина од Скопје и од цела Македонија присуствуваа на тој фестивал и сѐ уште зборуваат за ноќта кога стотици луѓе немо гледаа како една од најмоќните гласови на генерацијата се бори да остане на сцената.

Публиката тогаш свиркаше, бендот на Ејми беше збунет и тивок, а таа стоеше на средината на сцената, замаена, кршлива и едвај поврзана со она што се случува околу неа. Моби тој ден го гледал целиот хаос од страна на сцената и подоцна го опиша како „момент во кој веднаш разбрал дека нешто е фундаментално погрешно“.

Во интервју за The Hollywood Reporter, Моби сведочи дека од првиот миг знаел дека концертот нема да заврши добро. „Од бекстејџ се слушаше како публиката е погласна од музиката“, вели тој. „Ејми стоеше неподвижно, се нишаше лево-десно и само повремено мрмореше. Бендот изгледаше непријатно, а мене ми се стегна срцето.“

По половина час таа слезе од сцената, легна на еден куфер зад бината и беше опколена со неколку луѓе. „Бев ужаснат“, раскажува Моби. Потоа повторно се врати, обидувајќи се да ги испее „Back to Black“ и „Valerie“, но без сила, без стабилност, без оној глас што ја направи бесмртна. Излезе од сцената по еден час, директно во автомобил, и никогаш повеќе не се врати.

Само една недела подоцна, на 23 јули, светот ја загуби Ејми. Моби тогаш напиша кратка, но силна порака: „По нашиот концерт во Србија, посакувам да можев да ѝ помогнам. Жал ми е.“

Токму затоа неговото враќање во Белград не е само уште една голема концертна најава. Тоа е симболичен круг што се затвора. Публиката, особено онаа што беше таму таа ноќ, гледа на овој настан како на ретка можност да се врати во истиот простор, но со различна енергија – без болка, без страв, со почит и со музика што не носи трауми туку лекување.

Организатор на концертот во 2011 година беше Авалон Продукција. За многумина од регионов и од Македонија, претстојниот концерт е потсетник на две паралелни вистини: колку големи можат да бидат музичките настани и колку длабоко музиката може да го погоди срцето кога станува сведок на нечиј пад.

Овој пат, Белград го очекува Моби во целост присутен, инспириран, стабилен и посветен на својата музика. Концерт кој најавува нова страница и сеќавање што конечно може да добие поинаков ехо – не болка, туку исцелување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни