Моден Викенд Скопје

Моќта на модата да инспирира и да трансформира

Ова издание беше фокусирано на иновациите и одржливоста – теми кои ја обликуваат иднината на модната индустрија. Со особен акцент на креативната интерпретација, модниот викенд беше платформа каде локалните таленти ќе се сретнат со глобалните трендови, додека традицијата и футуризмот ќе се преплетуваат во уникатен моден концепт

Под мотото „Fashion Forever“, од 25 до 28 октомври, Културниот Центар Лабораториум во Скопје беше домаќин на најзначајниот моден настан во регионот, кој ја истакна бескрајната моќ на модата како културна и економска сила. Ова издание беше фокусирано на иновациите и одржливоста – теми кои ја обликуваат иднината на модната индустрија. Со особен акцент на креативната интерпретација, модниот викенд беше платформа каде локалните таленти ќе се сретнат со глобалните трендови, додека традицијата и футуризмот ќе се преплетуваат во уникатен моден концепт.

-Првиот ден од Моден Викенд Скопје започна со силна порака, дека модата не е тренд туку е моќна алатка за промена. Тука во Срцето на Скопје, Kултурниот центар Лабораториум, го претворивме во една креативна сцена каде што локалната традиција и глобалните иновации ќе се сретнат за да разговараат меѓу себе која е иднината и како да го славиме она што значи одржлива мода. Слоганот на ова издание e Fashion Forever или Модата засекогаш и тоа на некој начин кажува се. Низ изложби, ревии, панел дискусии ќе ја откриеме моќта на модата, да инспирира, да трансформира и да отвара нови можности за одржлив развој – вели Љубица Ангелкова, ПР на Моден Викенд Скопје.

Љубица Ангелкова, ПР

Модниот викенд започна со специјална изложба курирана од Амбасадата на Шведска. Изложбата „Fashion. Forever“ ја нагласи циркуларната економија и еволуцијата на модната и текстилната индустрија, прикажувајќи ги најновите трендови, новите канали, иновативните алатки и бизнис модели. Главниот акцент на оваа сезона е поставен на одржливата мода, креирањето нови визии за модната иднина и ангажирањето на млади таленти кои преку свои уникатни решенија ќе покажат дека модата може да биде еколошки свесна. Од изложбите кои ја отворija програмата, до креативните панели и модните ревии, посетителите имаат можност да учествуваат во настани кои го поттикнуваат дијалогот за одговорноста на модната индустрија кон животната средина.

– Рециклирањето само по себе не е доволно да ги реши климатските кризи. Навистина сето ова е за да се направи нешто повеќе од рециклирање. На пример, во оваа изложба може да се најдат примери како вештачката интелигенција може да се користи за подобро планирање, за да го избегнуваме масивното производство. Исто така имаме многу информации за нови, поодржливи материјали и всушност она што го креираме е веќе подобро за околината и може да биде био разградливо. Но најважно од се сметам дека е промената на нашето однесување. Облеката не треба да ја носиме само една вечер, туку да бидеме одговорни и да ја рециклираме. Во циркуларната сметам дека е фантастично да се види како во се повеќе сектори ги подобруваме нашето размисливање и однесување, вклучувајќи ја и модата. Во Шведска сега има целосни молови кои што продаваат само vintage облека или second- hand предмети. Сметам дека циркулаторната економија е дел од иднината и мора да ја примениме во сите аспекти во животот – вели Елизабет Далберј Фриц, заменик амбасадорка на Шведска

Елизабет Далберј Фриц, заменик амбасадорка на Шведска

Моден Викенд Скопје е платформа за визионерите на модната иднина, каде секој чекор е инспириран од идејата дека модата е вечна, но секогаш прилагодлива на новите времиња и предизвици. Изложбата „MASKAS“ во рамки на Fashion Weekend Skopje го привлече вниманието како врвна уметничка симбиоза меѓу македонскиот тим Warm Metal и британскиот креативец Хуго Виндер-Линд. Оваа колаборација, поддржана од British Council North Macedonia покажа како уметноста може да биде авангардна, но истовремено и естетски допадлива, препознавајќи ги традициите, но поставувајќи ги во модерен контекст.

MASKAS е уметничка Изложба од Warm Metal и Хуго Виндер-Линд и на модниот Викенд Скопје го претставува креативниот дијалог меѓу двајца различни, но подеднакво инспиративни уметници—Warm Metal (МК) и Хуго Виндер-Линд (ВК)—во рамките на изложбата поддржана од Британскиот совет.

Warm Metal е моден бренд основан од Теодора Митровска, македонска дизајнерка која живее и работи во Лондон. Со својот концептуален пристап, Митровска ги руши границите на конвенционалната мода, создавајќи уникатни парчиња што ја рефлектираат нејзината желба да ги истражува личните и социо-политичките теми. Warm Metal функционира како комерцијален бренд, но неговата суштина лежи во креативниот израз, ослободен од ограничувањата на сезонските трендови и индустриските стандарди.

-Јас сум учествувала на Модниот Викенд Скопје со класични ревии и овој пат кога ја добив поканата сакав да биде нешто што малку ќе се отргне од модата и ќе се фокусира можеби повеќе на некоја визуелно- концептуална уметност. Затоа ова не е онаа класична мода, но идејата на Хуго, кој што е втората половина од изложбата беше да бидат маски, така што сепак се враќаме на нешто што е носиво. Бидејќи поканата беше од British Counsel и идејата беше да има размена на култури, некако ни беше интересна темата на нетолеранција помеѓу култури, можеби нецелосно разбирање на културите и баш она сакавме да се натераме да го рекреираме тоа, со тоа што ќе си дадеме референции, визуелни референции, без никакви други информации за тоа што значат, од каде потекнуваат, значи таков контекст немавме. Мојот дел ме носи на еден пат мисловен што го имав и некако решив да самата себе да се референсирам во мојот дел на изложбата – вели за Трн, Теодора Митровска, основач на Warm Мetal.

Теодора Митровска, основач на Warm Мetal

Оваа изложба претставува уникатен културен експеримент во кој двајцата уметници – Македонка и Британец – ги претставуваат своите култури низ призмата на другиот. Како појдовна точка, секој од уметниците го снабдува другиот со визуелен материјал изваден од поширокиот социо-политички контекст на сопствената култура. Неминовно е инспирацијата на двете страни да биде површна и не-поткрепена со подлабоко разбирање на културолошкиот контекст на другиот. При ова уметниците намерно се впуштаат во погрешно или површно толкување на елементи од туѓата култура и се принудени да искреираат дела кои се културолошки “неинформирани”. Овој експеримент е иронична метафора за предрасудите и погрешните сфаќања кои често се јавуваат помеѓу различни култури.

Хуго Виндер-Линд

-Речиси е како социјален експеримент и начин како јас ги гледам различните култури, каква интеракција имам со слики и како јас перципирам некои работи, како ги перципира мојот мозок. Преку овој проект јас некако се заљубив во нештата што сам ги ослмислив. Само ги погледнав сликите кои што по некое време сами си направија свој стил на живот кој што не беше многу реален. И тогаш всушност, методички ги преобразував овие идеи во реалност. Но кога дојдов тука всушност се се смени, кога всушност видов што сум правел и што сум гледал. Неверојатно е – вели Хуго Виндер-Линд за Трн.

29-тиот Моден Викенд Скопје докажа дека модата може да биде двигател за позитивни промени и поттик за свесност во заедницата. Четиридневната програма остави силна порака – „Модата е вечна“ само кога е одговорна и инклузивна, нудејќи инспирација за иднината на модната индустрија како етичка и одржлива сила во општеството. Овој настан, кој одамна ги има надминато националните граници и го носи светот дома, ја заокружи четиридневната прослава на одржливоста и општествената одговорност со теми кои беа во срцето на овогодинешното издание. Настанот, под слоганот „Модата е вечна,“ се потврди како платформа за промоција на еко-свесни и етички пристапи кон модата, спојувајќи ги локалните таленти со глобалните искуства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни