Интервју со актерката Звездана Ангеловска, за улогата Зенаида Севишна во претставата „Иванов“

Ангеловска: Мојот лик во „Иванов“ е тука за да се запрашате каде сте и што правите

„Сите улоги ме прават подобар човек и верувам дека многу ме оплемениле и ми додале вредност“.

Акерката Звездана Ангеловска премиерно пред публиката во МНТ ја одигра улогата на Зенаида Савишна во претставата „Иванов“ поставена во Македонскиот народен театар. Преводот од руски јазик го направи Драгица Најческа, а режијата е на Зоја Бузалковска.

Според режисерката, Чехов пишува за едно време на транзиција, време на чекање и позицијата на интелектуалецот. За луѓе кои се предвреме истрошени, изморени и предвреме остарени. Ова е прва поставка на „Иванов“ по цели 39 години откако овој текст се играл на сцената на МНТ.

Со Звездана поразговаравме за суштината на ликот, на претставата и и го честитавме 30 годишниот јубилеј на актерска игра за кој таа многу скромно ќе каже дека не обрнува внимание на такви работи. Кога разговараш со соговорник како Звездана е навистина голем благодет затоа што реткост се луѓето со таа длабочина на духот и благост и убост во зборувањето.

Трн: Каков лик е Зенаида Савишна?

Звездана: Тоа е еден лик на сопруга и мајка, мајка на Саша Лебедева која стапува во една романтична но, помалку идеализирана врска со Николај Алексеевич Иванов. Овој лик е многу специфичен затоа што го отсликува тогашното и денешното малограѓанско општетство. Иако не се појавува многу често таа врши силно влијание на судбината скоро на сите ликови во претставата, особено на нејзината ќерка и околностите со Иванов.

Во суштина таа е една многу скржава жена , во голема мера преодредена кон материјалната страна. Таа е глава во куќата и самиот Чехов и дал навистина многу незгодни црти и ја направил гротескна во нејзините постапки и размислувања. Сето тоа за да остави простор во неа да се препознаат сите оние кои се губат во ова материјално општество и да ги освести сите оние аномалии во семејствата. Ги потенцира шкртоста на богатите,  каде самите се прегазуваат себеси и самите страдаат но, не успеваат да го покажуваат тоа и не се ни слободни.

Трн: Бидејќи имате играно уште во две други драми од Чехов а вие самите ја имате поставено Вишновата градина, кажете ни од таа перспектива на 27 годишна девојка кога ја игравте Соња од Вујко Вања и сега како Зинаида дали се има променето нешто кај вас во однос на пристапот, студиозноста и слично?

Звездана: Ова за мене  е нешто многу ново, не сум ни видела вакво прочитување на Чехов.  Меѓутоа режисерката Зоја Бузалковска си го негува тој веќе препознатлив режисерски ракопис и во сите нејзини претходни претстави го негува тој метод нехојдовски.  Таа  сака да истражува иновативни техники, сценографии и слично и еве скокнавме и ние со неа поведени од нејзината идеја за да и се оствари сонот со едно поинакво читање на Чехов каде што е мошне интересен визуелниот концепт,ангажманот на актерите..Убаво е секогаш кога се има иновативни идеи и кои што може да се реализираат.

Од аспект на актерска игра сега гледам дека не се сменило многу, дури и кога работев претстава принципите се тие. Постои егзактност особено во овие дела со самиот пристап значи пристапот е огромна посветеност дисциплинираност, а искуството не ви носи ништо плус, иста е одговорноста, посветеноста и исто сум на почеток и кога сум имала 27 години и сега.

Трн: Дали сметате дека е добро да се поставуваат класични дела со модерна нота, односно да се прави превод на времето во кое се поставува драмскиот текст?

Звездана: Не само што сметам дека е добро туку и тоа се случува. Театарските современи тенденции, репертоарот од останатите театри и во соседните земји, европските и светските се всушност современата класика. Чехов е секогаш актуелен. Кога се поставуваат класици на многу сликовит начин се прикажуваат општествените појави, тоа е сигурно некаков знак, освестување на публиката и можност да се види и со една идеја да се подобри светот.

А идејата е суштинска, дека доброто го победува злото!

Трн: Оваа претстава по многу нешта е специфична, а особено по сценографијата која е своевидна метафора и симболика. Што ви донесе вам оваа претстава?

Звездана: Сите актери на сцена играме во една пирамида каде што има физички дејствија и самото тоа претставува една колективна трансформација. Јас конкретно немам такви алпинистчки качувања бидејќи сум на првиот кат каде што е Савишна, односно гледано од духовен аспект залепена скоро со дното!

Иванов ми донесе такво освежување во мојата актерска кариера што долго ќе се памети. Учествував во сите подготовки кога вежбавме алпинизам и качување на карпи со јажиња на планината Матка. Претходно никогаш не сум се обидела, а сега сите актери сме во добивка бидејќи добивме едно ново искуство а преку тоа осознавме дел од себе што претходно не сме го знаеле.

Трн: Што означуваат катовите на пирамидата?

Звездана: Секако дека имаат симболика, која што значи во духовна смисла каде е човекот, значи има една филозофска смисла која што означува каде сме ние, каде е Иванов, затоа велам едно духовно расвестување. Делото се поставува сега кога можеби ни е најпотребно за да станеме похумани, да се сослушуваме меѓу себе и да си помагаме. Дури и движењето на актерите има своевидна симболика во зависност од која перспектива се гледа. Ние постојано се качуваме и се мачиме…

Делот со специфична сценографија, метафора во драмскиот текст се спецификите  на режисерскиот ракопис на Зоја Бузалковска. За крај Звездана ќе сподели дека најсреќен момент од нејзината кариера или моменти се патувањата надвор од државата и гостувањето во театрите низ другите држави кога е дочекана со огромни аплаузи и овации на сцената. А патот до успехот вели дека се должи на работата и истрајноста, меѓутоа и на флексибилноста и отвореноста затоа што има голем број колеги кои не би прифатиле ваков концепт како Иванов.

Фотографии: Кире Галевски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни