Со ова членство, МНТ се приклучува кон семејството на најголемите и највлијателни европски театри, отворајќи врати за копродукции, размена на претстави, уметнички резиденции и нови европски проекти.
Првиот резултат од ова партнерство е уметничката резиденција на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис, кој ќе престојува во Скопје до 15 ноември. Денеска, Константинидис оствари продуктивен состанок со директорот на МНТ, Никола Кимовски, и се запозна со дел од актерскиот тим на театарот. Во текот на својот престој, тој ќе ја следи репертоарската продукција на МНТ, а кон крајот на резиденцијата ќе одржи и отворени работилници за актери, режисери, кореографи, музичари, сценографи и сите љубители на театарската уметност, без ограничувања, само со желба за учење и заедничко креативно создавање.
Емануел Константинидис е едно од најсвежите имиња на грчката театарска сцена, со образование во престижните училишта „Жак Лекок“ и „Кур Флоран“ во Париз. Тој има работено на претстави во Франција и Грција, со настапи и режии во Париз, Атина и на Атинскиот епидаурски фестивал. Неговите претстави „Атлас“, „Албатрос“, „Сакам да си одам дома“, „Креата“ и „Феноменон“ се познати по експерименталниот пристап и моќната уметничка визија.
„Театарот е колаборативен чин на создавање. Секој проект е патување и размена на идеи. Искрено се радувам на соработката со МНТ, бидејќи верувам дека ќе донесе нови перспективи и инспирација“, изјави Константинидис.
Со оваа резиденција, МНТ го отвора новото поглавје во својата европска приказна за соработка и културна размена. Европската театарска конвенција (ETC) е водечка мрежа на јавно финансирани театри во Европа, посветена на современата драма, уметничките размени и промовирањето на културната разновидност, како платформа за дијалог, демократија и интеракција со публиката.