МНТ станува дел од Европската театарска конвенција

Македонскиот народен театар (МНТ) официјално стана член на престижната Европска театарска конвенција (ETC), мрежа која обединува 63 театри од 31 земја во Европа.

Со ова членство, МНТ се приклучува кон семејството на најголемите и највлијателни европски театри, отворајќи врати за копродукции, размена на претстави, уметнички резиденции и нови европски проекти.

Првиот резултат од ова партнерство е уметничката резиденција на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис, кој ќе престојува во Скопје до 15 ноември. Денеска, Константинидис оствари продуктивен состанок со директорот на МНТ, Никола Кимовски, и се запозна со дел од актерскиот тим на театарот. Во текот на својот престој, тој ќе ја следи репертоарската продукција на МНТ, а кон крајот на резиденцијата ќе одржи и отворени работилници за актери, режисери, кореографи, музичари, сценографи и сите љубители на театарската уметност, без ограничувања, само со желба за учење и заедничко креативно создавање.

Емануел Константинидис е едно од најсвежите имиња на грчката театарска сцена, со образование во престижните училишта „Жак Лекок“ и „Кур Флоран“ во Париз. Тој има работено на претстави во Франција и Грција, со настапи и режии во Париз, Атина и на Атинскиот епидаурски фестивал. Неговите претстави „Атлас“, „Албатрос“, „Сакам да си одам дома“, „Креата“ и „Феноменон“ се познати по експерименталниот пристап и моќната уметничка визија.

„Театарот е колаборативен чин на создавање. Секој проект е патување и размена на идеи. Искрено се радувам на соработката со МНТ, бидејќи верувам дека ќе донесе нови перспективи и инспирација“, изјави Константинидис.

Со оваа резиденција, МНТ го отвора новото поглавје во својата европска приказна за соработка и културна размена. Европската театарска конвенција (ETC) е водечка мрежа на јавно финансирани театри во Европа, посветена на современата драма, уметничките размени и промовирањето на културната разновидност, како платформа за дијалог, демократија и интеракција со публиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни